Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Карпош, Сотир Лукровски, вчера објави фотографија заедно со кандидатката на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Маја Мојсова, која испадна во првиот круг од гласањето на локалните избори.
„Со Маја се знаеме од многу одамна, ја искористив можноста да поразговараме за проектите кои значат за нашата општина и нашите сограѓани. Заедно ќе ги реализираме, како и многу години наназад“, пишува Лукровски во објавата.
По околу еден час, СДСМ преку социјалните мрежи реагираше на, како што велат од опозициската партија, „шпекулациите дека му даваат поддршка на Лукровски во вториот круг“.
„Во целост ги демантираме шпекулациите дека фотографијата на Маја Мојсовa со кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски се било каква поддршка од СДСМ за Лукровски. СДСМ апсолутно не го поддржува кандидатот на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ против кој се бореше партијата во првиот круг. СДСМ ќе побара објаснување од Маја Мојсова за фотографијата“, пишува во соопштението од СДСМ.
Лукровски во вториот круг ќе се бори за градоначалничката функција во Карпош со актуелниот прв човек на општината, Стевчо Јакимовски.