Загребската полиција потврди дека едно лице е уапсено поради пожарот во облакодерот на „Вјесник“.
Како што неофицијално дознава „Јутарњи“, малолетник се јавил во полицијата и рекол дека критичната вечер бил со група помлади луѓе во зградата „Вјесник“. Тој рекол дека сакале да се искачат на врвот од облакодерот, но на горните катови наишле на заклучена врата и не можеле да продолжат понатаму. Во еден момент, еден од младите во групата почнал да пали картони, а пожарот брзо се проширил. Потоа, наводно лицето им кажало на полицајците, дека сите избегале и ја напуштиле зградата „Вјесник“. Станува збор претежно за малолетници на возраст од околу 16 и 17 години кои наводно живеат во близина на „Вјесник“.
Полицијата, од моментот кога дознале за пожарот во деловната зграда на „Вјесник“, односно од самиот почеток, додека го обезбедувала местото на настанот и преземала мерки за да ја осигури безбедноста на граѓаните, започнала кривична истрага.
„Потврдуваме дека досегашната кривична истрага вклучувала неколку млади лица, од кои едно е уапсено и е под истрага“, соопшти Полициската управа во Загреб.
Во почетната фаза од истрагата, од најголема важност е итно и непречено да се соберат информации од сите лица кои можат да ѝ дадат на полицијата корисни информации за настанот, а отежнувачка околност е кога информациите и сознанијата се објавуваат јавно.
Ова може да ја отежни работата на полицијата и го става ризикот информациите да стигнат до лица кои треба да бидат вклучени во кривичната истрага, а за кои се дознало токму во почетната фаза од истрагата, соопшти полицијата, додавајќи дека штом околностите дозволат, дополнително ќе ја информираат јавноста.
Зградата можеби ќе треба да се руши?
Статичари и стручни служби на Хрватска сè уште интензивно го проверуваат загребскиот облакодер на „Вјесник“, кој беше погоден од голем пожар на почетокот на неделата. Зградата – барем уште неколку дена – ќе остане во ист режим на безбедносни мерки бидејќи е потребно да се утврди како ќе се однесуваат оштетените носиви елементи и дали постојните пукнатини ќе се прошират, рече градежниот инженер Марио Урош.
Според градежниот инженер, веќе се забележани видливи пукнатини на некои столбови, додека во исто време може да се очекува одреден степен на невидливо оштетување. Причината се екстремно високите температури на кои беа изложени структурните елементи за време на пожарот.
Зградата на „Вјесник“ во Загреб беше зафатена со огромен пожар, кој познал во ноќта меѓу понеделникот и вторникот, поради дефект во противпожарниот систем, чие неправилно функционирање довело до тоа огнот брзо да се прошири низ внатрешните делови на објектот, велат првичните согледувања на надлежните.
„Бетонот изгубил дел од својата цврстина, особено на два до три ката. Целиот облакодер не страдаше подеднакво“, објаснува градежниот инженер.
Најпогодените катови се токму оние каде што се наоѓаа архивите – простори исполнети со голема количина запалив материјал. Таму се разви многу висока температура, што особено ја оштети структурата.
Процесот на ладење на конструкцијата е исто така важен. Внатре во зградата сè уште има топли џебови и загреани слоеви од бетон кои мора да се изладат во целиот дел, а не само на површината, за да се направи конечна проценка.
„Градбата е небезбедна, секогаш постои ризик од делумно уривање“
Стручниот инженер нагласува дека зградата во моментов е небезбедна за живеење во неа. „Структурата изгубила дел од својата почетна носивост и се смета за небезбедна. Прашањето за делумно уривање е секогаш присутно. Ризикот е релативно мал и ќе се намалува со ладењето на структурата, но има посериозни пукнатини кои не треба да се игнорираат.“