Едно лице го загуби животот, а три лица се повредени во тешка сообраќајна несреќа што се случила на патот Кочани – Виница.
Според информациите од полицијата, несреќата се случила на 16 март околу 13:40 часот, во атарот на Виница, при судир на две патнички возила – „фолксваген туран“ управуван од 59-годишен штипјанец и „мазда“ управувана од 65-годишен возач од виничкото село Истибања.
Во несреќата, од здобиените повреди на лице место починал 65-годишниот возач, а смртта ја констатирала екипа на Итна медицинска помош.
Со тешки телесни повреди се здобила сопатничка од возилото „мазда“, додека со полесни повреди се здобиле возачот на „фолксвагенот“ и неговиот сопатник.
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е предадено на обдукција, а увид на местото на несреќата извршиле јавен обвинител и увидна екипа од ОВР Виница.