Фудбалската федерација на Македонија ги информира родителите чии деца тренираат во младинските клупски категории дека фудбалската опрема која ФФМ им ја донираше на клубовите е бесплатна.
„Добивме информации дека одредени клубови им бараат пари на родителите за опремата, што е строго спротивно на условите под кои ФФМ ја додели донацијата“, велат од ФФМ во објава на социјалните мрежи, додавајќи дека опремата не смее да се наплаќа.
Од ФФМ ги охрабруваат родителите, доколку клубот побара надомест за опремата, веднаш да пријават во ФФМ.
Нашата цел е младите фудбалери да имаат фер услови за развој и поддршка без дополнителен финансиски товар за родителите“, порачаа од ФФМ.
Тие во објавата споделија и линк каде се наведени сите клубови кои добиле донација.