Во јавното здравство имаме лекари кои земале и повеќе од 10 илјади евра плата. Ова го изјави министерот за здравство Азир Алиу, откако вчера премиерот Христијан Мицкоски кажа дека има здравствени работници кои работеле секој ден, по 24 часа и на тој начин ги зголемувале месечните плати.
Треба да зборуваме и со доза на критика за одредени здравствени работници кои преку чуден „елексир“ на континуирана работа пријавуваат дежурства и добиваат месечни примања и над 10.000 евра. Има примери на лица кои „работеле“ 31 ден по 24 часа, без одмор и пауза. Чудно, но вистинито – изјави премиерот.
Министерот Алиу денеска кажа дека ги знаат институциите, но побара тоа да не биде соопштено на прес-конференцијата, туку институционално да биде решено.
Министерот пред новинарите кажа дека има ситуација каде што имаме доктори што прегледуваат само еден пациент неделно, а имаме доктори што прегледуваат 100 пациенти неделно.
И едниот и другиот се отстапки и не се во ред. Тоа институционално ќе го решиме, кажа Алиу.
Тој објасни дека во Министерството за здравство имаат податоци за секоја институција колку има вработени, колку тие вработени работат дополнително, колку работат часови и дали се во согласност тие институции со законските предвидени ограничувања.
