Премиерот Христијан Мицкоски се обрати на Конститутивната седница на Меѓуресорското тело за координација на активностите против корупцијата.
-Ова тело претставува чекор напред во обидот конечно да воспоставиме функционален и синхронизиран систем кој ќе ѝ застане на патот на корупцијата. Дозволете ми веднаш да бидам јасен, ова тело нема да биде само уште една административна конструкција. Ние сме овде за да создадеме нова форма која што ќе има суштина, а нема да биде форма која ќе биде без содржина. Сакаме да изградиме механизам кој ќе делува брзо, ефикасно и бескомпромисно. За жал, изминатите години гледавме како корупцијата тивко, но упорно ја разјадува довербата кај граѓаните, но и во институциите. Судски постапки што траат со години, обвиненија кои никогаш не завршуваат со пресуда, истраги кои се отвораат само кога ќе станат медиумска сензација, рече Мицкоски.
Премиерот оцени дека сето тоа создаде чувство кај граѓаните дека правдата е селективна, а корупцијата прифатена.
-Токму тоа е најголемата штета, не само изгубените пари туку и изгубената верба. Корупцијата убива надеж, ги тера младите да си заминат, ги обесхрабрува чесните, го подрива општеството. Корупцијата е најголема пречка за растот, развојот и иднината на една држава, рече премиерот.