Сакаме да имаме активна комуникација и активен ангажман со Софија, доказ дека можеме да соработуваме е Коридорот 8. Имаме и конкретна комуникација со Европската Унија. Една од темите за кои дискутиравме со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во Минхен беше процесот на потенцијално изнаоѓање решение со соседна Бугарија и тоа е нешто на коешто ние ќе работиме, но во рамките на принципите коишто ни се јасни, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски одговарајќи на новинарски прашања пред Македонско-словачкиот бизнис форум.
-Вчера присуствував во Тирана на настан посветен на Коридорот 8, каде што опипливи мерки се преземаат и од двете страни за реализација на тој проект. Но, исто така кажавме дека и западниот сегмент од Коридорот 8 во Албанија треба да биде забрзан и гледаме позитивни сигнали од Албанија во последниот период, Tоа е за поздравување бидејќи и самиот Коридор 8 како таков не би бил целосен без обврските што треба да ги преземе Република Албанија. И тоа не го зборуваме само од гледна точка на патна и железничка инфраструктура, туку и енергетска инфраструктура и други комплементарни прашања коишто се поврзани со тоа. Зошто го спомнувам Коридорот 8? Затоа што Коридорот 8 е доказ дека со соседна Бугарија кога сакаме можеме да соработуваме, рече Муцунски.
Тој потсети дека во овој момент во соседна Бугарија тече изборен процес и треба да бидеме максимално внимателни што ќе кажеме и како ќе се поставиме во моментот бидејќи, како што рече, ние како држава немаме апсолутно никаков интерес да станеме дел од изборната реторика во соседна Бугарија.
– Секој којшто сака и цели да нè внесе во изборната реторика во соседна Бугарија, нема про-ЕУ вредности. И тоа го гледаме и од одредени чинители во соседна Бугарија, но да бидам максимално искрен тоа го чувствувам и од одредени политички чинители тука, рече Муцунски.
Потврди дека по ова прашање се остварува и конкретна комуникација со Европската Унија.
-Пред неколку дена видовте во Минхен средба на премиерот Мицкоски, на која што го придружував и јас, со претседателот на Европскиот Совет господинот Антонио Кошта. Секако една од темите за која што дискутиравме е процесот на потенцијално изнаоѓање на решение со соседна Бугарија и тоа е нешто на коешто ние ќе работиме, но во рамките на принципите коишто ни се јасни, верувам на сите вас и прилично јавно ги имаме поставено, нагласи Муцунски.
На средбата со Кошта минатата недела во Минхен, премиерот Христијан Мицкоски истакнал дека земјава останува посветена на европскиот пат и реформите, но оти заслужува достоинствен и принципиелен процес, базиран на европски вредности, а не на билатерални условувања. – Разговаравме отворено и искрено за европската перспектива на Македонија, за реформите кои ги спроведуваме и за предизвиците што стојат на патот кон полноправно членство во Европската Унија. Јасно ја пренесов нашата позиција Македонија останува посветена на европскиот пат. Но, исто така, Македонија заслужува достоинствен и принципиелен процес, базиран на европски вредности, а не на билатерални условувања, посочил премиерот Мицкоски на средбата.
Бугарија ќе одржи предвремени парламентарни избори на 19 април 2026 година, осми во последните пет години, по продлабочувањето на политичката криза предизвикана од масовните протести против корупцијата. Мандатарот за состав на техничката влада на Бугарија Андреј Ѓуров, вчера и официјално ги претстави имињата на министрите кои треба да ги спроведат предвремените парламентарни избори закажани на 19 април.