Бројот на луѓе со богатство над 10 милиони долари порасна за 4,4 отсто во 2024 година и надмина 2,34 милиони луѓе, се вели во годишниот извештај на лондонската консултантска куќа Најт Френк.
Како што е соопштено, бројот на мултимилионери во Северна Америка се зголемил за 5,2 отсто на годишно ниво во истиот период.
Во САД моментално живеат речиси 40 отсто од сите мултимилионери во светот, што е двојно повеќе од Кина.
Бројот на луѓе со имот поголем од 100 милиони долари, за прв пат во историјата надмина 100.000, покажуваат резултатите од истражувањето.
Според извештајот на Оксфам, минатата година бројот на милијардери во долари скокнал за осум отсто, со што светот има 204 нови милијардери.
„Глобалниот економски раст забави во 2024 година, но издржливоста на американската економија го поддржа оптимизмот на инвеститорите“, коментира Лиам Бејли, шеф на глобалното истражување во Најт Френк.
Американскиот берзански индекс S&P 500 минатата година скокна за 23 отсто, Nasdaq за 29 отсто, а Dow Jones за повеќе од 12 отсто, пренесува Танјуг.