Имплементацијата на ЕЕС – европскиот систем за влез и излез за регистрација на граѓани на земји кои не се членки на ЕУ – нема да биде одложена, изјави Европската комисија за Н1.
Со тоа Европската комисија ја негираше веста објавена од некои медиуми во регионот дека имплементацијата на ЕЕС се одложува од април до септември 2026 година, нагласувајќи дека не се најавени нови продолжувања на неговото постепено воведување.
„Постепеното спроведување на ЕЕС ќе заврши на 9 април 2026 година. Сепак, регулативата ЕЕС веќе предвидува одредени флексибилности за земјите-членки за периодот по завршувањето на воведувањето во април оваа година. Ова не е ништо ново“, нагласи Европската комисија за Н1.
Како што објасни Европската комисија, ова значи дека до 10 април 2026 година, сите земји-членки ќе мора целосно да го имплементираат ЕЕС на сите свои гранични премини и да ги регистрираат сите државјани на трети земји што ги преминуваат границите.
Некои медиуми во регионот претходно објавија дека Европската комисија донела одлука за одложување на целосната имплементација на ЕЕС до септември 2026 година.
Таквата одлука, како што е наведено, треба да им овозможи поголема флексибилност на членките на Шенген зоната во текот на летната сезона, кога сообраќајот е зголемен и се очекуваат големи навалици.