Четириесет и четиригодишниот И.Д.С. од Скопје, осомничен за палењето на двете дипломатски возила на Амбасадата на Бугарија во земјава, го признал делото во полициска станица. Ова денеска го соопштија од Министерството за внатрешни работи од каде што додаваат дека вчера против него е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело предизвикување општа опасност извршено на 15 јуни годинава.
„Одделението за криминалистички работи – Центар и Бит-пазар вчера (16.6.2026) поднесе кривична пријава по итна постапка против И.Д.С. (44) од Скопје поради основано сомнение дека го сторил наведеното кривично дело“,информираат од МВР.
Оттаму додаваат дека во текот на истражните дејствија се обезбедени материјални докази, меѓу кои и снимки од камери за видеонадзор од повеќе локации, како и облеката што осомничениот ја носел во моментот на извршување на делото.
Основното јавно обвинителство Скопје вчера соопшти дека е поведена постапка и е предложен притвор против скопјанецот осомничен за палењето на двете дипломатски возила на бугарската амбасада во Скопје.
