Двата недовршени објекта кај Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, чија изградба е стопирана повеќе од една деценија, конечно ќе се доградуваат откако ќе биде избран проектант, а потоа и изведувач на градежните работи.
Од Министерството за образование и наука информираат дека на 30 јануари завршил рокот за пријавување на тендерот за изработка на нови проекти за градба, кој беше објавен на крајот од 2025 година. Повикот се темели на стручна анализа за состојбата на објектите и на актуелните потреби на нивните идни корисници.
Поради променетите стандарди и потреби во однос на времето кога започна изградбата во 2013 година, одлучено е двата објекта да ги користи исклучиво Факултетот за информатички технологии и компјутерско инженерство (ФИНКИ). За Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, за кој првично беше наменет едниот објект, се планира изградба на нова зграда на постојната локација.
Стручната анализа беше изработена од работна група координирана од проф. д-р Горан Марковски од Градежниот факултет, во која беа вклучени и експерти од ФЕИТ, Машинскиот и Архитектонскиот факултет, како и од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС).