Џихан Ахмед ја повлече својата кандидатура за член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, по бурните реакции што следеа по нејзиното сослушување во Собранието.
Иако се претстави како магистер по меѓународно право и настапи со цел да ја образложи својата мотивација и знаење од областа на човековите права, Ахмед не успеа да покаже основно познавање на Истанбулската конвенција, еден од клучните меѓународни документи за заштита на жените од насилство и дискриминација.
На директните прашања од претставници на граѓански организации за правната рамка и суштината на Конвенцијата, наместо да ги објасни нејзините механизми и обврски, таа зборуваше за Истанбул како град и за историскиот период на Мустафа Кемал Ататурк, што предизвика остра реакција во јавноста.
По ова, Мрежата за заштита од дискриминација јавно реагираше, укажувајќи дека законските услови за членство во Комисијата се јасно дефинирани. Според Законот, кандидатот мора да има најмалку седум години работно искуство во областа на човековите права, од кои најмалку пет години во сферата на еднаквост и недискриминација.
Според анализата на јавно достапната биографија на Ахмед, таа не го исполнува овој услов. Нејзиното досегашно работно искуство е поврзано со ангажмани во приватниот сектор, универзитетска настава и работа како професор во средно училиште, со фокус на корпоративна безбедност, што, според критичарите, не претставува релевантна квалификација за функцијата во Комисијата за заштита од дискриминација.