Камен темелник на најновиот продажен маркет на „Лидл“ ќе биде поставен утре, среда, во 11 часот. Локацијата е во општина Аеродром, веднаш до трговскиот центар „Лиса“.
На настанот ќе присуствуваат премиерот Христијан Мицкоски, министерот за транспорт Александар Николоски, градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески и извршниот претставник на „Лидл“, Милена Драгиска-Денчева.
Иако „Лидл“ сè уште не ги отворил своите маркети во Македонија, влијанието врз локалната економија е веќе мерливо. Само во 2024 година, повеќе од 5.500 палети сертифицирано македонско овошје и зеленчук се извезени преку европската мрежа на „Лидл“. Овој резултат е доказ дека македонските производители имаат капацитет да ги исполнат строгите меѓународни стандарди, како што се „Global GAP“ и „GRASP“.
Отворањето на „Лидл“ ќе биде најголемата германска инвестиција во секторот во земјава.