Мештаните на преспанското село Љубојно подготвуваат да ги тужат сите инволвирани во сечата на коријата над селото или, како што велат, потенцијалната еколошка катастрофа. Мора да има правда за коријата, упропастената дабова шума и загрозувањето на нормалното функционирање на животот на мештаните во Љубојно, велат за „Независен“, жители на ова село, поставувајќи го прашањето:
„Кој е тој што дозволува да се уништат белите дробови на Преспа, на Македонија?“
Денеска дел од жителите на Љубојно почнаа со мирни протести не само во селото, туку и пред канцелариите на ресенската подружница „Преспа дрво“.
„Се поделивме и започнавме со протестите, едни останаа в село, други излеговме на протест пред подружницата на ЈП ‘Национални шуми“ во Ресен. Нашиот став е да дојдат инспекции и да се стопира еднаш за секогаш сечата на шумата. Излезе директорот на шумското, Васко Лозановски, и ни вели дека сакаат да си ги земат исечените дрва од локацијата над селото. Не доволуваме, бараме да дојдат инспекции. Директорот се жали дека некој му ги крадел исечените дрва, нека си ги повикаат од шумската полиција, тоа не е наша работа. Бараме инспекции“,изјави за „Независен“ Васко Томулевски, жител на Љубојно.
Тој додава дека ако се дозволи сеча на шумата сите ќе се иселат од селото и ќе се запусти целиот крај.
На 12 август жителите на Љубојно во реонот на Долна Преспа масовно се спротивставија на сечата на коријата. Од тогаш досега секој ден одржуваат протести и успеаја да ја стопираат сечата спроведена од концесионер на ресенската подружница на ЈП „Национални шуми“ – „Преспа дрво“.
За жал, сликата за коријата над селото Љубојно е запрепастувачка, шумата оголена, а природата неповратно уништена.
„Се запали црвеното светло и сите преспанци кои живеат во Љубојно и кои потекнуваат од ова село, раселени низ државата и светот, луѓе со наша крв макар и до трето колено, се вознемиривме од голата сеча на коријата, се организиравме и се сплотивме да ја зачуваме шумата. Ако не се разбереме со надлежните ќе поведеме правна битка за голосечата над селото. Ќе тужиме и ќе ја бараме правдата за уништувањето на шумата, која значи уништување и на водата за Љубојно“, изјави за „Независен“ Слободан Рајчевски, кој има свој имот во Љубојно.
На денешниот протест во селото, мештаните повикаа сите иселени жители од Љубојно преку амбасадите да побараат да се запре со сечата на шумата.
Мештаните сведочат за соголени цели падини, трупци сечени до земја, кубици и кубици дрва подготвени за транспорт.
„Оваа борба не нè засега само нас преспанците, туку сите битија кои ја љубат Македонија. Затоа берете памет, тргнете ги на страна разликите, политичките аспирации и идеологии и придружете се во борбата за заштита на природата, селата и културното наследство на Македонија“, порачуваат од семејството Коларовски.
Постојаните жители на селото и оние со викенд куќи во Љубојно секој ден излегуваат на протести на местото од каде патот води до исечените падини.
„Веќе не се сече шумата, тоа успеавме да го стопираме пред петнаесеттина дена, но штетата е направена, по моја проценка уништена е коријата над Љубојно на околу 10 илјади квадратни метри и можеби исто толку на локација со која граничиме со атарот на Брајчино. Се гледа од сите страни дека шумата ја нема“, вели Рајчевски и објаснува дека деновиве имале посета од раководните лица од локалната подружница на ЈП „Национални шуми“ – „Преспа дрво“, кои, како што вели, на крајно дрзок начин се обиделе да ги убедат мештаните дека шумата ќе се обнови за една до две години.
„Без трошка совест и каење дојдоа од шумското и почнаа да нѐ убедуваат дека дрвјата морале да се сечат оти биле стари, деградирана шума. Ни кажуваа дека сѐ ќе се среди за година-две. Тоа што го кажуваа личеше на хумореска. Ние жителите на Љубојно ја посадивме шумата заради свлечишта, поплави, пред децении и знаеме како порасна таа шума. Таа шума беше здрава, ни мравка нема на дрвата што ги сечеа и што ги носеа. Кого лажат? Па сакаа да нѐ замајуваат со објаснување на ‘стручни лица’“, вели Рајчевски и додава дека голосечата веднаш ги „соголи“ нивните разубедувања кога деновиве (17 август) наврна пороен дожд и кога голема вода се слеа во селото меѓу куќите за што сведачат фотографиите и видеата кои ги објавија мештаните на социјалните мрежи.
Целиот текст на Независен