Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) најави нов голем работнички протест кој ќе се одржи на 14 март во Скопје, со барање за зголемување на минималната и на останатите работнички плати.
На прес-конференција во Работничкиот дом, претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, информираше дека протестот ќе започне во 12:05 часот и ќе се движи од пред Работничкиот дом кон Собранието, Стопанската комора и Владата.
ССМ бара минималната плата да се зголеми на 600 евра, а останатите плати да пораснат за најмалку 6.000 денари. Според Трендафилов, планираното усогласување на минималната плата од околу 1.667 денари е недоволно и не ги следи растечките трошоци за живот.
Тој истакна дека повеќе од 160.000 работници во државата примаат плата пониска од 30.000 денари, што, според него, покажува дека значителен дел од работниците се соочуваат со сериозни економски тешкотии.
„Работниците мора да излезат и да се борат за своите плати. Колку повеќе работници ќе има на протестот, толку поголем ќе биде притисокот за промени“, рече Трендафилов, додавајќи дека ССМ ќе организира превоз за учесници од повеќе градови во државата.
Тој нагласи дека синдикатот ги отфрла, како што рече, „политичките игри“ поврзани со работничките барања и посочи дека одговорност за состојбата со платите имаат и актуелната власт и поранешните влади.
Од ССМ најавија дека доколку нема напредок по протестот, можно е организирање и на генерален штрајк. Според синдикатот, работничката борба ќе продолжи сè додека не се обезбеди значително зголемување на платите и подобрување на животниот стандард на работниците.