Рекордни цени на јајца во Америка- една табла чини околу 1 150 денари, Турција ќе спасува

- Advertisement -

Соединетите Држави се погодени од недостиг на јајца, што ги принудува нивните трговци да се свртат кон Турција. Според Централното здружение на производители на јајца на Турција, земјата планира да извезе 420 милиони јајца во САД оваа година, што ќе биде повеќе од кога било.

Само во јануари оваа година јајцата за јадење во САД поскапеле за 15,3%. За една година, растот на цената на јајца во Америка бил повеќе од половина односно годишната инфлација изнесува неверојатни 53%.

На интернет пребарувачот на големиот трговски центар Walmart, најевтина понуда за јајца е за пакување од 60 парчиња од класата А односно најмалите јајца во малопродажба. Кутија со, по нашки кажано, две табли чини 39,38 долари односно околу 2 300 денари. Или едно јајце е околу 38 денари. Тоа е речиси 4 пати поскапо од цената на јајцата со големина L во Македонија.

Причината за ова е птичјиот грип, кој уби 140 милиони птици во САД од 2022 година, од кои 17 милиони само во ноември и декември минатата година. Помалку птици значи помалку јајца и зголемување на цените на јајцата.

„Птичјиот грип е главната причина за зголемувањето на извозот“, рече Ибрахим Афјон, претседател на Централното здружение на производители на јајца на Турција.

Според Бирото за статистика на трудот на САД, тетрапак од 10 големи јајца од класа А чинеше 4,95 долари минатиот месец. Малопродажните синџири Costco и Trader Joe’s имаат ограничено купување јајца по клиент, додека Waffle House наплаќа дополнителни 0,50 долари по јајце.

Ќе бидат потребни месеци за да се реши недостигот, а американското Министерство за земјоделство очекува цената на јајцата оваа година да се зголеми за дополнителни 20 отсто. Оваа цена минатиот месец порасна за 15,2 отсто и е за 50 отсто повисока од истиот месец лани. Американските компании се задолжија да набавуваат јајца надвор од САД, а Турција е единствената земја од која САД увезуваат јајца.

Сепак, експертите веруваат дека зголемувањето на увозот на јајца нема значително да влијае на недостигот на јајца во САД. „Ова е доволно за да се компензира некои од загубите во производството, но нема да биде голема помош ако HPAI продолжи со сегашниот интензитет“, рече Бернт Нелсон, економист за Федерацијата на Американското биро за фарми (AFBF).

САД минатата година увезоа 71 милион јајца од Турција, а годинава се очекува увозот да биде шест пати поголем. Имено, Турција до јули годинава ќе извезе 240 милиони јајца, а речиси исто толку до крајот на годината.

Турција е петти најголем извозник на јајца во светот, по Холандија, САД, Полска и Германија. Во текот на 2023 година, таа извезла јајца во вкупна вредност од 411 милиони долари ширум светот. Годинешниот извоз на турски јајца во САД ќе изнесува 37 милиони долари.

Сподели ја оваа статија