Утринава во функција е електронскиот систем за закажување прегледи „Мој термин“, кој вчера не работеше. Системот е во функција од вчера доцна попладне.
Д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари на Македонија (ЗПЛМ) вчера реагираше дека не можеле да ги прегледуваат пациентите, нити да издаваат упати и рецепти.
Чолакова-Дервишова вчера реагирала до директорот на системот „Мој термин“ Фикрет Шабани. Тој потврди дека се судруваат со проблем, но за разлика од матичните лекари кои велат дека системот не фукнционира, тој рече дека работи.
„Имавме проблем од утрово со ‘Мој термин’, кој беше успорен. Тоа е од таму, каде е целиот систем, во факултетот ФИНКИ. Се работи да се пронајде проблемот. ‘Мој термин’ работи, но многу успорено. Установи, пациенти немаат трпение да чекаат. Очекуваме извештај од ФИНКИ каде се наоѓаат серверите, да видиме во што е проблемот. Водиме постапка за нов дата центар“, кажа вчера Шабани.
Според Шабани, системот е стар 10 години, годишно се внесуваат од 20 до 40 милиони рецепти и околу 12 милиони упати. Инфраструктурата е застарена но, според Шабани, за еден до два месеца целиот систем ќе биде префрлен во новиот дата-центар, што ќе овозможи хардверски и софтверски подобрувања.