Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со највисоки државни и воени почести денеска во вила „Водно“ го пречека својот албански колега Бајрам Бегај, кој е во официјална посета на земјава.
По пречекот тие имаа тет-а-тет средба, а потоа и пленарен состанок на македонската и албанската делегација.
Се очекува Сиљановска-Давкова и Бегај да имаат и заедничка прес-конференција.
За време на посетата, тој ќе положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје.
Според агендата на официјалната посета, албанскиот претседател ќе има средба и со претседателот на Собранието, Африм Гаши, а потоа и ќе се обрати пред пратениците.
Претседателот на Албанија посетата на земјава ја започна вчера со посета на Општина Чаир, каде што беше пречекан од градоначалникот Изет Меџити.
Двајцата ја посетија Старата чаршија, а положија и цвеќе пред споменикот на Ѓерѓ Кастриот-Скендербег.
За утре е најавена посета на албанскиот претседател на Тетово, за што преку објава на Фејсбук информира градоначалникот на Општината, Билал Касами.
Поради посетата на Бајрам Бегај, утре и задутре во Скопје ќе има посебен сообраќаен режим.