Под влијание на социјалните медиуми и желбата да имаат мускулест изглед, сè повеќе тинејџери консумираат протеински шејкови и „плочки“.
Овие производи сè повеќе се претставуваат како лесен и брз начин до изградено тело. Сепак, лекарите и нутриционистите, вклучувајќи го и познатиот тренер Џо Викс, изразуваат сериозна загриженост за овој тренд, особено кога станува збор за младите луѓе, пишува The Times.
Дали протеините се навистина неопходни во форма на додатоци во исхраната?
На полиците во продавниците и онлајн продавниците се наоѓаат сè повеќе производи кои ветуваат брз раст на мускулите и подобро закрепнување после тренингот. Пакувањето е привлечно, а пораките се насочени конкретно кон тинејџерите кои често се под влијание на фитнес инфлуенсери. Но, се поставува важно прашање – дали на младите воопшто им се потребни дополнителни протеини во форма на прашоци и енергетски плочки?
Повеќето експерти се согласуваат дека не им се потребни, бидејќи тинејџерите кои спортуваат умерено можат да ги добијат сите протеини што им се потребни преку балансирана исхрана. Месото, рибата, јајцата, млечните производи и мешунките содржат доволни количини протеини, како и други важни хранливи материи како што се витамини, минерали и влакна, кои често недостасуваат во индустриските суплементи.
Можни здравствени последици
Прекумерното консумирање протеини, особено преку додатоците во исхраната, може да ги оптоварат бубрезите и црниот дроб, особено кај младите луѓе чии тела сè уште растат и се развиваат. Некои производи содржат скриени шеќери, вештачки засладувачи или други адитиви кои не се пожелни за секојдневна употреба.
Покрај физичките ризици, експертите предупредуваат и на психолошки последици. Преголемиот фокус на суплементите може да доведе до нездрав однос кон храната и телото. Во некои случаи, ова може да биде првиот чекор кон развој на нарушување во исхраната, особено кај младите луѓе кои веќе се борат со несигурности и притисоци од околината.
Вистинската сила доаѓа од квалитетната исхрана
Експертите ги повикуваат родителите и тинејџерите да се информираат за вистинските потреби на младиот организам. Наместо да се потпираат на скапи, а понекогаш и непотребни додатоци, акцентот треба да биде на разновидна и хранливо богата исхрана. Таа не само што поддржува здрав раст и развој, туку е и најдобра основа за успех во спортот и секојдневниот живот