ЦГК спроведе истражување за општинските тендери за бележење на пешачките премини: Тендери за невидливи пешачки премини.
Истражувањето покажува дека:
Непостоечките и избледените пешачки премини, кои секојдневно ја загрозуваат безбедноста на граѓаните, во голема мера се поврзани со начинот на којшто општините ги спроведуваат тендерите за нивно обележување.
Истражувањето открива дека за повеќе од половина од локалните самоуправи, конкретно за 46 од 81, во електронскиот систем нема ниту еден тендер за хоризонтална сигнализација во периодот од 2023 до 2025 година.
Помали општини, имале тендер секоја година во анализираниот период, наспроти општини со значително повеќе население и сообраќај, кои бележеле само еднаш или двапати во истите три години.
Само дел од општините дефинираат конкретни стандарди и карактеристики на бојата, додека во голем број општини техничката спецификација е сведена само на два збора, „боја за патишта”, без никакви мерливи критериуми за квалитетот.
Без минимални технички барања за бојата, нема механизам за проверка колку време ќе трае набавената боја – а јавните пари се трошат без очекуваниот ефект.
Анализата на единечните цени открива ценовни разлики и до 4 пати. Бојата е купувана од 132 до 296 денари за 1 килограм, додека пак цените за услугите за бележење со бела боја и стаклен перлит се движат од 281 до 802 денари за м2.
Истражувањето интегрално можете да го прочитате подолу:
ТЕНДЕРИ ЗА НЕВИДЛИВИ ПЕШАЧКИ ПРЕМИНИ
Избледените и речиси невидливи пешачки премини низ земјава не се случајност.
Тие се последица на начинот на кој општините ги спроведуваат набавките за нивно обележување. Анализата на тендерите покажува дека поголем дел од општините воопшто немале набавки за т.н. хоризонтална сигнализација на улиците во последните три години, а во многу случаи каде ваквите набавки се реализираат не се поставуваат јасни критериуми за квалитетот и за трајноста на бојата со која се бележат пешачките премини. Поради тоа, дури и таму каде што се трошат јавни средства за обележување на улиците, резултатот не секогаш се видливи и безбедни пешачки премини.
КЛУЧНИ НАОДИ:
Непостоечките и избледените пешачки премини, кои секојдневно ја загрозуваат безбедноста на граѓаните, во голема мера се поврзани со начинот на којшто општините ги спроведуваат тендерите за нивно обележување.
Некои општини воопшто не распишуваат вакви тендери, други тоа го прават ретко, а трети редовно. Но постоењето тендер, само по себе, не гарантира уредна сигнализација на терен. Во многу општини кои редовно набавувале боја или ангажирале фирми за обележување, на самото место се воочуваат избледени или речиси невидливи линии на улиците.
Анализата на тендерските документации открива дека само дел од општините дефинираат конкретни стандарди и карактеристики на бојата, додека во голем број општини техничката спецификација е сведена само на два збора, „боја за патишта“, без никакви мерливи критериуми за квалитетот.
Како поризични во однос на квалитетот на бележењето на улиците се покажуваат тендерите што се однесуваат на „набавка на услугата за обележување на улиците“. Во нив, најчесто, квалитетот на бојата која треба да се користи не е јасно дефиниран.
Без минимални технички барања за бојата, нема механизам за проверка колку време ќе трае набавената боја – а јавните пари се трошат без очекуваниот ефект.
Истражувањето открива дека за повеќе од половина од локалните самоуправи, конкретно за 46 од 81, во електронскиот систем нема ниту еден тендер за хоризонтална сигнализација во периодот од 2023 до 2025 година. Тоа значи дека, според системот, во текот на три последователни години немале тендери за бележење на пешачки премини, велосипедски патеки и други ознаки на улиците.
Во овие општини без ниту еден тендер за бележење на улиците живеат 560 илјади жители. Оваа пракса не е ограничена само на мали рурални општини – меѓу нив се и густо населените скопски општини Аеродром, Чаир, Бутел и Сарај, каде што интензивниот сообраќај ја прави хоризонталната сигнализација директно поврзана со безбедноста на пешаците и на другите учесници во сообраќајот.
И онаму каде што имало тендери за обележување нивната зачестеност е исто така неконзистентна. Помали општини, како Берово, Ресен и Крива Паланка, имале тендер секоја година во анализираниот период, наспроти општини со значително повеќе население и сообраќај, кои бележеле само еднаш или двапати во истите три години.
Анализата на единечните цени открива ценовни разлики и до 4 пати. Бојата е купувана од 132 до 296 денари за 1 килограм, додека пак цените за услугите за бележење со бела боја и стаклен перлит се движат од 281 до 802 денари за м2.
Во анализираниот период, односно во 2023, 2024 и 2025 година, општините вкупно спровеле 128 тендерски постапки за обележување на улиците, од кои 33 биле поништени.
Истражувањето покажа дека во 46 општини, односно во 57 % од општините, немало ваков вид набавка, дека 21 општина имала една или две вакви набавки во период од 3 години, а 14 општини имале набавки за обележување на улиците во секоја поединечна година.
Ова говори за значителна нерамномерност меѓу општините во спроведувањето на јавните набавки за обележување на улиците. Набавките се концентрирани во ограничен број општини и јавни претпријатија, што укажува дека континуитет постои кај дел од субјектите, наспроти целосно отсуство кај други.
Во групата општини кои во анализираниот период немаат спроведено ниту една јавна набавка за обележување улици доминираат помали општини, но меѓу нив се вклучени и поголеми по бројот на жители, како Аеродром, Чаир, Бутел и Сарај. Мал дел од општините кои во изминатите три години немале вакви набавки, меѓу кои и скопски Чаир, спровеле тендер за оваа намена во тековната година, додека останатите најверојатно ќе ја пропуштат и 2026 година.
Она што дополнително ја проблематизира целата состојба е фактот дека и во општините каде што имало тендери за обележување, нивната зачестеност е исто така неконзистентна. Помали општини, како Берово, Ресен и Крива Паланка, имале тендер секоја година во анализираниот период, наспроти општини со значително повеќе население и сообраќај кои бележеле само еднаш или двапати во истите три години.
Освен во однос на фреквенцијата на обележувањето, општините немаат воедначен пристап и тогаш кога спроведуваат јавни набавки за хоризонтална сигнализација. Во некои општини работата ја извршува локалното јавно претпријатие со сопствена механизација, а набавува само боја и друг потрошен материја. Во други општини, пак, преку еден тендер се бара комплетна услуга од приватни фирми – и за бележење и за бојата, а во трети, пак, набавката на боја и услугата за бележење се предмет на одделни постапки. Ваквата нестандардизираност ја оневозможува споредливоста меѓу сите општини и го отежнува надзорот.
Разлики има и во однос на техничките барања каде што се упатува на различни методи на мерење на бојата, на вискозитет на бојата, различни класи и различни стандарди.
За да се обезбеди споредливост меѓу општините и нивните локални претпријатија, тие се поделени во 3 категории. Првата категорија ги опфаќа општините или јавните претпријатија кои набавувале боја за бележење на улици, заедно со перлит и разредувач, а втората и третата категорија, општините што за набавка на услугата за бележење улици користеле приватни фирми (само со боја или со боја и со перлит).
Набавка само на бела боја за бележење на улици
Во групата договорни органи кои набавувале боја и друг соодветен материјал за бележење на улиците се наоѓаат ЈП Улици и патишта, ЈКП Дервен Велес, ЈП Паркинг Кавадарци, ЈП за изградба и одржување на јавен простор во Општина Битола, ЈКП Илинден, ЈП Плаваја Радовиш и ЈП Стипион.
ЈП Улици и патишта, ЈКП Дервен Велес, ЈП Паркинг Кавадарци, како и ЈП за изградба и одржување на јавен простор во Општина Битола, во своите тендерски документи имаа поставено највисоки услови и барале бојата да биде квалитетна според стандардот MKC EN 1436:2018, а теренската издржливост и отпорност на лизгање – според стандардот МКС EN 13197+А1:2014. Такви стандарди не биле барани од останатите општини и јавни претпријатија од оваа група.
ЈП Плаваја Радовиш бара постар стандард за квалитет на бојата MKC EN 1436+А1:2009, ЈП Стипион од Штип бара MKC EN 1436 без да наведе година, што значи може и постара верзија, а не го бара стандардот МКС EN 13197, а ЈКП Илинден ја опишува бојата, но не повикува на конкретен стандард.
Но, и во оваа група институции постојат проблеми при набавката. Скопското ЈП Улици и патишта спровел тендер во март–април 2025 година, кој бил составен од три дела (дел 1: боја за патишта, разредувач и стаклен перлит; дел 2: самолеплива лента; и дел 3: ладна пластика). Претпријатието склучило договор за првите два дела, додека постапката за ладна пластика била поништена. Во есента 2025 година е спроведен нов тендер за набавка на ладна пластика, но и тој е поништен, по што во тек е трета постапка, со рок за доставување понуди до 10 јули 2026 година. Ова укажува дека повторените неуспешни постапки за набавка на ладна пластика можат директно до го нарушат континуитетот во снабдувањето со овој клучен материјал за хоризонтална сигнализација, поради што обележувањето на улиците во Град Скопје не може да се изведува ниту со предвидениот квалитет, ниту со потребната динамика.
Анализата открива дека разноликоста во поставувањето на стандардите за бојата не се отсликува во цената. Како што може да се види од графичкиот приказ, цените за 1 килограм боја се движат од 132 денари, кај ЈП Улици и патишта Скопје, до 296 денари, кај ЈП Стипион Штип.
Цени по кои е купувана белата боја за бележење на улици во 2025 година
(цена за 1 кг бела боја)
Вака големите разлики во цените, коишто не можат да се објаснат со техничките карактеристики и стандарди што биле барани за бојата, делумно можат да се објаснат со купените количини. Имено, ЈП Улици и патишта Скопје купиле 30.000 кг боја, и оттука секако дека овие големи количини имале влијание брз цената. Но, од 7-те институции вклучени во ова рангирање, само 3 имале наведено количини, и тоа се, покрај скопското јавно претпријатие, Јавното претпријатие за изградба и одржување на јавен простор за паркирање и уредување и организирање на јавен локален превоз на патници во општината Битола и ЈП Плаваја Радовиш. Притоа, битолското јавно претпријатие набавило 15.000 килограми бела боја, а Плаваја 600 килограми. Останатите претпријатија немаат наведено количини, што е всушност неправилно постапување бидејќи не овозможува фирмите да имаат јасен увид кога ги одредуваат своите цени.
Количини за кои е барана цена во тендерската документација
Со оглед на тоа што секоја општина или јавно претпријатие што купувало боја набавувало и перлит и разредувач, за да се добие појасна слика, направена е и збирна цена за овие 3 производи. Произлегува дека има мали промени, но првото и последното место се непроменети. Трошоците на ЈП Улици и патишта Скопје се најниски и изнесуваат 358 денари за 1 кг бела боја, 1 кг перлит и 1 литар разредувач, а највисоките трошоци ги има ЈП Стипион Штип со 583 денари.
Цени по кои е купуван материјалот за бележење на улици во 2025 година
(вкупна цена за 1 кг бела боја, 1 кг перлит и 1 литар разредувач)
Бележење на улиците од страна на приватни фирми
Од 18 општини и јавни претпријатија кои спровеле тендер за набавка на услугата за бележење на пешачки премини и други ознаки на улиците, во дури 11 општини (Берово, Крива Паланка, Делчево, Гази Баба, Кисела Вода, Прилеп, Сопиште, Тетово, Дебар, Ресен и Ѓорче Петров) не е даден никаков опис на бојата која треба да се користи, односно најчесто се користи терминот „боја за патишта“. Тоа значи дека изведувачот може да употреби каква и да е боја и формално да го исполни договорот – без никаква одговорност за тоа колку ќе траат линиите на улицата.
Со цел да се обезбеди споредливост на податоците, општините што користеле услуги од приватни фирми за бележење на улици се поделени во две групи. Првата, во која се прикажани општините што во бележењето барале само да има боја, и вторите, каде што е барана боја и прелит. Притоа, Општина Дебар, чија цена за бележење изнесува високи 690 денари за 1 м2, не е вклучена во ниту една од двете групи затоа што во тендерската документација никаде не е наведено дали изведувањето на хоризонталната сигнализација на асфалтни патишта низ Град Дебар треба да се направи со боја или можеби со ладна пластика. Немањето на јасни насоки во тендерската документација води кон тоа работите да се изведат на начин што ќе им овозможи поголема заработка на носителите на договори, но сепак, со цел анализата да биде максимално прецизна, општината не е вклучена во рангирањата.
Како што може да се види од следниот графички приказ, цените за услугата за бележење покажуваат огромни разлики, особено во групата општини која од фирмите барала услуга за бележење со боја и стаклен перлит за метар квадратен.
Бележење со боја и стаклен перлит
Кај бележењето со боја и стаклен перлит, цените се движат од 281 до 802 денари за м². Ова е разлика од речиси 4 пати меѓу Општина Петровец и Општина Гостивар. Во цената на Општина Петровец е вклучено и чистењето на улиците пред бележењето, бидејќи оваа обврска на фирмите посебно ќе биде платена.
Попрецизен опис на бојата и стаклениот перлит имаат наведено општините Петровец, Кичево и Гостивар. Ова е значајно бидејќи произлегува дека општината која дала технички карактеристики на бојата за бележење и стаклениот перлит (вискозност, густина, индекс на рефлексија, итн.), а тоа е Општина Петровец, има пониска цена од општините кои не го дефинирале квалитетот на белата боја и перлитот. Станува збор за општините Кисела Вода, Прилеп, Сопиште и Тетово.
Гостивар, која има највисока цена во тендерската документација, наведува дека за бојата и термопластиката која ќе се користи, фирмата треба да докаже дека го задоволува стандардот UNE -EN 1436:2009 + A1:2009. Конкретната цена од 802 денари за метар квадратен со која Општина Гостивар е вклучена во рангирањето се однесува на пешачки премин со бела боја и перла. Обележување на пешачки премин со топла бела пластика и перла во Општина Гостивар е посебна ставка и чини 1.003 денар и за метар квадратен.
Обележување пешачки премин со топла бела пластика и перла има и Општина Тетово. Но, таа услуга, која чини 2.006 денари за метар квадратен, не е вклучена во рангирањето.
Цени на услуга за бележење за 1 м2 со бела боја и стаклен перлит во 2025 година
Разликите во цените кај овие општини не може да се објаснат ниту со количините од едноставна причина што ниту една од нив во тендерската документација нема наведено за колку метри квадратни се бараат услугите.
Бележењето само со бела боја
Кај бележењето само со боја, цените се движат од 152 до 378 денари за м². На дното е Берово, а на врвот Општина Илинден. Иако разликата помеѓу најниската и највисоката цена изнесува 149 % односно највисока цена е два ипол пати повисока. Притоа, симптоматично е дека и кај двете општини недостига прецизен опис на бојата што ќе се користи.
Ова е можеби очекувано кај општината со најниска цена (Берово), но е зачудувачки што опис на бојата нема и кај општината со највисока цена (Гази Баба) која е со едно од највисоките цени (295 денари за м2). Општина Илинден која има највисока цена од 378 денари за м2 бележење на пешачки премини бара економските оператори задолжително да достават потврда за квалитет (Атест) за бојата за патишта која што ја нудат, но не се повикува на конкретен стандард што го гарантира квалитетот на бојата.
Поконкретно, во спецификацијата на набавката од мала вредност на Општина Берово се вели: „Обележување на хоризонтална сигнализација со бела боја за патишта на улици во Општина Берово“, а во тендерската документација на Општина Гази Баба се вели: „Изработка на пешачки премини со боја за патишта“.
Во оваа група на општини, само Општина Пробиштип има јасно наведено стандард MKC EN 1436:2018 што треба да го дефинира квалитетот на материјалот. Општините Струга, Охрид и Неготино не упатуваат на стандард, туку укажуваат на конкретни вредности за густина, моќ, абење итн. Сите останати општини немаат наведено стандарди и карактеристики кои ќе го гарантираат квалитетот на бојата.
Цени на услуга за бележење за 1 м2 со боја во 2025 година
Разликите во цените не можат да се објаснат ниту со количините во м2 кои се планирани да се изведат. Како што може да се види, Општина Берово, чија цена е најниска, планирала количини од 1.950 м2 и тие се помали од количините на Општина Делчево од 2.268 м2. Воедно, во групата со ниска цена е и Општина Струга која нема наведено количини, еднакво како што тоа ги немаат општините Гази Баба и Илинден, чии цени се највисоки.
Количини на услугата за бележење за 1 м2 со бела боја во 2025 година
Резултатите од ова истражување покажуваат дека проблемот со невидливите пешачки премини не е случаен – тој е последица на начинот на којшто општините ги спроведуваат обврските кои ги имаат во однос на хоризонтална сигнализација на патиштата. Без минимални стандарди, без доследна контрола и без редовност, јавните пари продолжуваат да се трошат, а улиците остануваат исто толку небезбедни.
Воедно, разликите меѓу општините и отсуството на постапки укажуваат на недоволно стандардизирана практика и потенцијална нееднаква примена на обврските за хоризонтална сигнализација. Ваквата состојба сугерира потреба од појасно дефинирани обврски, унифицирани практики и поактивно следење на реализацијата на ваквите набавки на општинско ниво.
Ова истражување е спроведено врз основа на податоците преземени од Електронскиот систем за јавни набавки за периодот 2023 – 2025 година.
