Врховниот суд на САД ја укина правната основа за околу 75 проценти од американските царински приходи. Станува збор за давачките што претседателот Доналд Трамп ги воведе минатиот април за увозот од речиси сите земји во светот, повикувајќи се на Законот за вонредни состојби од 1977 година.
Судиите оценија дека ова постапување е незаконско, бидејќи законот не му дава право на претседателот самостојно да воведува царини. Со тоа стануваат неважечки и царините од 15 проценти за поголемиот дел од производите од Европската унија. Царината за челик, алуминиум и автомобили, пак, останува во сила.
Од друга страна, Трамп тврди дека цело време се обидувал да дејствува претпазливо „за да не ги исплаши судовите“, истакнувајќи дека „сакал да биде добро момче“.
„Сега ќе одам во друга насока. Тоа е малку подолг процес. Всушност, тие други овластувања бараат владини истраги и потребно е време за да се донесе пресуда“, рече Трамп.
Врховниот суд во петокот нанесе тежок удар на економските политики на претседателот Трамп, пресуди дека тој ги пречекорил своите овластувања кога вовел царини за речиси сите трговски партнери на Америка.
„Тие се многу непатриотски настроени и нелојални на нашиот Устав“, рече Трамп за судиите на Врховниот суд.
Трамп потврди дека ќе потпише наредби со кои ќе се бара укинување на царините според разни други овластувања.