Корисниците на Фејсбук, Месинџер и Инстаграм, по прекинот што траеше повеќе од еден час, повторно може да се најават на нивните профили.
Од компанијата „Мета“ велат дека ќе биде потребно време за целосно да се нормализира работата.
„Се враќаме, иако можеби ќе биде потребно малку време за сè целосно да се врати во нормала“,вели шефот за комуникации на „Мета“, Енди Стоун во објава на Икс.
Претходно корисниците на мрежите автоматски беа одјавени и не можеа повторно да се најават. Тие добиваа порака „нешто тргна наопаку“, а на месинџер беше оневозможено да се праќаат пораки.
На платформата „Даун детектор“ (DownDetector) вечерва се покажува дека од претходно поднесените над 132 илјади пријави сега има драстичен пад на скоро 600 реакции.
