Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешниот брифинг со новинари, предупреди дека новиот оглас за избор на директор на Македонската радио телевизија отвора сериозен ризик од партизација на јавниот сервис, доколку на функцијата биде избрано лице без соодветни професионални квалификации, но близок до власта. Филипче посочи дека тоа би претставувало нов удар врз демократијата и независното информирање.
„Во тек е оглас за избор на нов директор на МРТВ. Имајќи предвид дека се погласни се шпекулациите дека за тоа место власта планира да поддржи човек кој што нема професионални квалификации, туку е само близок лично до премиерот и до некои други центри на моќ на владејачката партија, сметам дека е огромен ризик да после бруталната партизација на судството и прилично млитавата Државна комисија спречување на корупција, еден од столбовите на демократијата тоа е националниот сервис кој што треба да биде гаранција за независно објективно информирање на граѓаните, биде препуштен на партиски кадар или човек близок до луѓето на власта”, рече Филипче.
На брифингот Филипче упати апел до сите релевантните домашни и меѓународни чинители внимателно да го следат процесот на избор на нов директор на Македонската радио телевизија.
„Апелирам до професионалните здруженија синдикатите на новинари, ЗНМ, будно да го пратат овој процес. Не смееме да дозволиме партизација на овој столб на демократијата во државата. Апелирам до меѓународните организации, канцеларијата на Европската Унија, исто така будно да го пратат овој процес”, нагласи Филипче.
