За повикот од државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски да пријави доколку има докази за злоупотреби во јавните претпријатија на Град Скопје, Ѓорѓиевски синоќа за МТВ1 посочи дека веќе имале средба со претставници на Финасиската полиција, но дека во интерес на истрагата не може да даде повеќе информации.
„Стојам зад сите факти што ги изнесов во јавноста. Околу 500 лица се отстранети од списоците на вработени во јавните градски претпријатија, што земале плата, а не оделе на работа, односно го прекршиле Законот за работни односи и дисциплината што требало да ја запазат во претпријатијата“,рече тој.
Според него, тоа не се лица што ќе бидат заменети со нови, зашто на нив им било дозволено единствено да вршат злоупотреба на институциите и да се доведуваме во оваа состојба во каква што сме денес во Градот Скопје.
„Ако направите пресметка, тоа е околу пет милиони евра отштета на годишно ниво или за четири години е вкупно 20 милиони евра или колку што отприлика би чинила изградбата на новиот Луна Парк, што го чекаат многу генерации“,кажа новиот градоначалник.
На состаноците со надлежните, побарал да има одговорност, но и како што додаде, да има и командна одговорност, што не подразбира овие лица само да бидат отстранети од списоците за вработување, туку да има и одговорност оној што потпишувал тие да земаат плата, а да не работат, но и директорот што сето тоа го одобрувал.