Актуелниот градоначалник на Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, вечерва во емисијата „Click Plus“ на ТВ21 изјави дека проектот за подземната сообраќајница под хотелот „Лимак“ ќе се реализира во неговиот мандат.
„Првата јавна набавка која ќе биде распишана, а поврзана со големи проекти, е токму за Лимак. Проектот има неколку фази – два кружни тека кон Кисела Вода и еден елипсоиден кружен тек од страната кај ‘Нова Македонија’. Веднаш штом ќе влезам во Град Скопје ќе отпочнат процесите за распишување на тендерска постапка,“ изјави Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека веќе бил во посета на сообраќајницата и ја оцени досегашната изведба како „сериозна и несвојствена за нашата држава“.
„Јас ќе бидам првиот кој ќе ја изгради првата подземна сообраќајница во Скопје. Она што е изведено од сопствениците на Лимак е навистина пресериозна работа. Останато е да се доасфалтира. Сообраќајницата има осум ленти – по три за двосмерен автомобилски сообраќај од двете страни, две за автобуси и дополнителни тротоари,“ нагласи Ѓорѓиевски.