Во Амбасадата на Јапонија денеска беа потпишани два нови договори за грант во рамките на ГГП-програмата за мали проекти за човекова безбедност, со вкупна вредност од 81.956 евра. Грантовите се наменети за Универзитетската клиника за ендокринологија – Скопје и за Општина Свети Николе.
Амбасадорката на Јапонија, Сецуко Кавахара, истакна дека проектите претставуваат продолжување на долгогодишната соработка меѓу двете земји и придонесуваат за зајакнување на основните системи за здравствена и јавна безбедност.
– Со денешната церемонија сакаме да ја покажеме подготвеноста за понатамошно зајакнување на пријателството меѓу Јапонија и Северна Македонија и нашата континуирана поддршка за реформските процеси. Преку ГГП програмата од 1996 година досега поддржавме 190 проекти во здравството, образованието и животната средина, рече Кавахара.
Првиот грант е наменет за набавка на нов ултразвучен систем за Клиниката за ендокринологија. Директорот на клиниката, д-р Ирфан Ахмети, нагласи дека новата медицинска опрема ќе придонесе за подобрување на дијагностиката и третманот на пациентите.