Корупциски скандал во Брисел, „Хуавеј“ осомничен за поткуп на европратеници

- Advertisement -

Кинескиот технолошки гигант „Хуавеј“ е во центарот на новиот случај на корупција во Брисел. Денеска, белгиската полиција изврши претрес во домовите на неговите лобисти, откриваат Follow the Money и нивните медиумски партнери Le Soir и Knack.

Властите се сомневаат дека лобистите на „Хуавеј“ им дале мито на членовите на Европскиот парламент во замена за поддршка на нивната кауза во Европската Унија. Речиси 15 поранешни и сегашни пратеници се на радарот на истражителите, се дознава.

Во раните утрински часови белгиската федерална полиција изврши претрес во канцеларијата на „Хуавеј“ во ЕУ и во домовите на лобистите за кинеската технолошка компанија под сомнение за поткуп, фалсификување, перење пари и злосторничко здружување, изјавија луѓе блиски до истрагата за Follow the Money и белгиските медиуми Le Soir и Knack.

Вкупно 21 локација во Брисел, Фландрија, Валонија и во Португалија беа претресени како дел од широката истрага за корупција. Запленети се повеќе документи и предмети, но не се извршени претреси во Европскиот парламент.

Полицијата бара докази дека претставници на кинеска компанија го прекршиле законот при лобирање кај членовите на Европскиот парламент (ЕП), велат извори. Рациите во зората беа дел од истрагата на тајната полиција, која почна пред речиси две години по дојава од белгиската тајна служба.

Според еден извор близок до случајот, „петнаесетина (поранешни) пратеници се на радарот“ на истражителите. За сегашните европратеници, белгиските обвинители ќе мора да побараат од Европскиот парламент да им го укине имунитетот за да може да истражат понатаму. Такво барање сѐ уште не е поднесено, велат изворите.

Канцеларијата на белгиското федерално обвинителство потврди дека неколку лица биле испрашани. Тие ќе бидат сослушани за нивната наводна вмешаност во практики на поткуп во Европскиот парламент и за фалсификување и употреба на фалсификувани документи. Се претпоставува дека делата ги извршила криминална организација.

Сподели ја оваа статија