Само една недела пред веста за неговата смрт да одекне низ целиот свет, легендарниот моден дизајнер Џорџо Армани даде интервју за „Фајненшл тајмс“, во кое објави кој ќе ја наследи неговата империја.
Како што откри во тоа интервју, планирал постепено да ги предаде уздите на компанијата, која генерираше 2,3 милијарди долари во 2024 година и беше единствен сопственик до крајот на неговиот живот.
„Моите планови за наследување вклучуваат постепен пренос на одговорностите што ги преземав досега на „Ла Дел’Орка“, членовите на моето семејство и тимот на вработени“, изјави Армани за „Фајненшл тајмс“.
Тој нагласи дека сака преносот да биде „органски“, без ненадејни пресврти, кои би можеле да го загрозат креативниот и деловниот континуитет. Сега кога го нема, отворено е прашање дали компанијата ќе може да функционира точно онака како што тој сакаше.
„Мојата најголема слабост е што сè контролирам“
До крајот на својот живот, тој не беше само креативен директор, туку и генерален менаџер и единствен сопственик на компанијата што ја основа пред 50 години.
Еден од ретките случаи кога не се појави на модна ревија на својата куќа е забележан во јуни и јули оваа година, кога го спречи болест, од која никогаш не се опорави целосно.
„Мојата најголема слабост е што сè контролирам“, рече тој во неодамнешно интервју, кое го даде за време на сложениот процес на организирање на голема модна ревија во миланската галерија Пинакотека Брера, по повод полувековното постоење на брендот.
„Го надгледував секој аспект од ревијата преку видео врска: од пробите, до редоследот на излегувањата, до шминката. Сè што ќе видите беше направено под мој надзор и го носи моето одобрение“, рече Армани.
„Напорната работа е клучот до успехот“
Роден е во Пјаченца, околу 65 километри југоисточно од Милано. Неговиот татко бил сметководител во транспортна фирма и го насочил кон медицински студии, што можеби ја објаснува хируршката прецизност и педантната чистота на неговиот стил.
Работел како селектор на стока во стоковната куќа „Ла Ринашенте“ во Милано, а потоа како дизајнер на машка облека за „Нино Черути“.
Во 1975 година, ја основал својата компанија со почетен капитал од 10.000 долари, во канцеларија помала од неговата сегашна бања.
„Мојата цел на почетокот беше да ја изразам мојата визија и да ги облекувам луѓето. На некој начин, сè уште е истата идеја“, рече Армани.
Еднаш ми кажа дека неговиот омилен дизајнер е Габриел Шанел, а неговиот стил имал слично влијание врз начинот на кој се облекуваат генерациите.
Ги облекувал жените во костуми кои биле радикални како креациите на Шанел, создавајќи силна, самоуверена облека што ја одразувала социјалната револуција од 1980-тите.
Спротивно на тоа, тој ја опуштил машката мода, деконструирајќи ги традиционално кроените костуми на начин што влијаел на речиси секое јакна што се произведува денес.
Неговиот уникатен пристап му донесе милијарди. На пример, само минатата година, нето-приходот на неговата компанија изнесуваше 2,3 милијарди евра.
„Не знам дали би го употребил зборот „воркохолик“, но напорната работа дефинитивно е клучот до успехот. Моето единствено жалење е што поминав премногу време работејќи, а недоволно време со пријателите и семејството“, рече тој во своето последно интервју.