Безбедносната состојба во земјава и регионот е стабилна и нема директна воена закана за државава. Регионот е ранлив на предизвици како дезинформации, миграциски бранови и радикализација, што бара превентивно градење отпорност и континуирано следење и анализа на безбедносните ризици. И покрај отсуството на директна војна закана, потребно е постојано да се подготвуваме и координираме одбранбени мерки на сите нивоа, порача во интервју за МИА началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски.
Според Лафчиски поставената цел на НАТО за тоа секоја членка да ги зголеми трошоците за одбрана на 5 проценти од БДП до 2035 година, од кои 3.5 отсто ќе се вложуваат во воени инвестиции, а 1.5 проценти во внатрешна безбедност, е позитивно за Армијата и тој го поддржува тоа, иако признава дека е амбициозна и предизвикувачка цел, особено за мали држави како Македонија. Парите, појаснува тој, ќе бидат искористени за модернизација и надградба на постоечките системи, подобрување на командување, логистика и борбена готовност, обезбедување интероперабилност со НАТО и зајакнување на националните одбранбени капацитети. Дел од буџетот ќе биде наменет и за развој на логистичка инфраструктура, резервен состав, цивилна заштита, како и за одбрана од хибридни закани, сајбер безбедност и справување со кризи.
Началникот во интервјуто информира и за борбената опрема, како што е проектот за набавка на лесни оклопни возила JLTV и Stryker кој е во тек, со кои се зголемува мобилноста, заштитата на персоналот и огнената моќ, особено за лесната пешадиска баталјонска група, која е највисок НАТО приоритет. До крајот на годината и почетокот на следната се очекува пристигнување на системите за противвоздушна одбрана МИСТРАЛ-3 и ракети со краток дострел, како и хаубици БОРАН 105 мм. за артилерискиот баталјон. Паралелно, се работи и на модернизација на сајбер безбедноста и инженериските капацитети на армијата.
Во однос на современите текови на војување, Лафчиски смета дека дроновите и беспилотните системи стануваат неизбежен и интегрален дел од современото војување, користени не само за извидување, туку и за офанзивни операции, логистичка поддршка и сајбер активности. Овој развој, вели тој, бара промени во воените доктрини и организациските структури и дека нашата армија веќе планира набавка на овие системи со цел нивна интеграција во своите капацитети.
Конкурсот за 300 професионални војници е привремено замрзнат поради локалните избори, но ќе продолжи наскоро, а според генералот Лафчиски, армијата е привлечна за кандидати, што овозможува селекција, иако има предизвици за специјализирани позиции поврзани со модернизација. Нагласи дека инвестициите во инфраструктурата на касарните се континуирани, со посебен фокус на објектите во Штип, но со план за интензивирање на вложувањата во сите гарнизони, вклучувајќи ги и Скопје, Прилеп, Куманово, Тетово и Кичево, со цел подобрување на условите и стандардот за припадниците.
Помина една година од вашиот мандат, а многу предизвици … спроведување на НАТО стандарди, војна во Украина, војна во Израел, Газа … тензично на Блискиот Исток, дали регионот е загрозен од оваа војна и како ја оценувате безбедносната состојба на државава?
Дозволете од мое лично име и од името на сите припадници на Армијата да ви посакам добредојде во Генералштабот, да ви се заблагодарам на можноста што ќе разговараме на актуелни одбранбени безбедносни теми со фокус на армијата.
Да, денес живееме во исклучително сложен безбедносен свет, со многу безбедносни предизвици. Војната во Украина, војна на европско тло, нешто што беше незамисливо, и тоа не каква било војна, конвенционална војна, од широки и големи размери, каде што е надоградена истата со примената на сите овие нови технологии и технолошки напредоци. Ние како регион, тука би зборувал малку повеќе во контекст на Западен Балкан и Македонија како дел од регионот, сме подложни на предизвиците кои доаѓаат, а како резултат на таа војна, имајќи предвид подложноста на регионот на дезинформации, лажни вести, политички влијанија, повторно оживување на некои стари практики на меѓудржавни тензии и конфликти, сето тоа придонесува да бидеме како дел од овој регион ранливи на ваквата состојба.
Исто така, она што се случува во Израел, војната таму, конфликтите на Блискиот Исток можат да предизвикаат за нас нешто што е добро познато, нови миграциски бранови, од кои веќе имаме искуство, радикализација на одредени групи кои неретко наоѓаат прибежиште и во овие простори, во регионот и во државата, сето тоа претставуваат одредени одбранбени, односно безбедносни предизвици, за кои треба добро да размислиме, добро да ги проанализираме и да преземеме конкретни мерки. Преку градење е превентивно сега на отпорност, не само во Министерството за одбрана, не само во армијата, туку и кај сите останати државни институции. Дали има директна војна закана за државата? Нема. И да одговорам на вашето прашање, моменталната безбедносна состојба по државата, ја оценувам, за стабилна, но секако потребно е да се врши добра анализа и добро да се следат предизвиците, безбедносните, предизвици кои доаѓаат од конфликтните и војните подрачја ширум светот.
На последниот состанок на НАТО се постави амбициозна цел: секоја земја членка да ги зголеми трошоците за одбрана на 5 проценти од БДП до 2035 година. Кој е вашиот став за оваа одлука и што ќе значи за нашата Армија?
Знаете, јас како началник на Генералштаб треба да бидам среќен со овие 5 проценти, затоа што тоа ќе значи многу за одбраната, но морам да нагласам дека тоа е доста амбициозна цел и ќе биде големо оптоварување за Владата и буџетот. 5 отсто за мала држава, како што е нашата, е навистина амбициозна и предизвикувачка цел. Со тие 5 проценти ќе имаат проблеми поразвиени држави со веќе поставени планови за развој во одбранбениот сектор. Така да повторувам дека тоа ќе биде доста предизвикувачки. Да, како што кажавте, 3,5 отсто од тоа ќе одат директно за развојот на воените капацитети. Тука пред сè мислам за модернизација, за понатаму надградба на веќе постоечки системи, подобрување на капацитетите во однос на командување и контрола, логистичката поддршка, односно се она што влијае врз директно подигнување на борбената готовност на армијата при што ќе се задоволат не само НАТО побарувањето, туку и националните одбранбени капацитети. Сето тоа, би одело во насока на зголемување на интероперабилноста и оперативноста на армијата и во контекст на НАТО целите на способност, но во исто време ќе биде и во контекст на зголемување на националните одбранбени капацитети. Во контекст 1,5 отсто тука пред сè се мисли на она што спаѓа во домен на национален одбранбен контекст или логистичка инфраструктура, патишта, железници и т.н. Развој на резервниот состав, на цивилната заштита или сите они механизми кои се поврзани со развојот на отпорност, која веќе ја спомнав, а во контекст на одбрана од хибридни закани, сајбер безбедност и справување со најразлични видови на кризи.
Во текот на изминатата година, остваривте бројни средби со ваши колеги од земјите сојузници во НАТО, меѓутоа имавте бројни посети на началниците на генералштабови на Турција, Унгарија, командантот на НГ на Вермонт, командантот на КФОР и многу други. Дали на дел од овие конференции генералниот фокус на дискусиите има поврзаност со актуелните случувања во Европа и Блискиот Исток?
Да, како што кажавте, остварив неколку официјални средби, но и сите оние конференции на кои ќе учествувам како началник на Генералштабот, дали се тоа регионални, дали се од доменот на обврските кои ги имаме кон НАТО Алијансата на Воениот Комитет, остварувам средби со началниците на генералштабовите од другите НАТО членки. И во право сте, во фокусот на дискусиите кои ги имаме, е актуелната безбедносна состојба и неретко дискутираме како да ги подобриме одбранбените капацитети, сопствените, националните и НАТО одбранбените капацитети, а се со цел, подобро да одговориме кон тие предизвици, како држава, како држави, како регион и, на крајот на денот, и како НАТО Алијанса. Искрено да ви кажам, овие средби се многу значајни, не само за мене, верувам и за моите колеги и за останатите началници, заради тоа не само што разменуваме искуства, каков пристап имаме кон проблемите и предизвиците кои се пред нас, а во контекст на развој на одбранбените капацитети, туку и размена на искуства од доменот што треба да преземеме во контекст на подобрување на борбената готовност, имајќи ги предвид нивните искуства. Неретко, и ова е, да речеме, една од моите филозофии, како началник на ГШ на релативно млада НАТО членка, да ги земам предвид нивните позитивни искуства, нивните практики при развојот на капацитетите и способностите од држави со поголемо искуство, и како такви да ги применувам или да ги имплементирам кога тоа го правиме тука кај нас дома. Ова сметам дека е добра практика, од проста причина што со ова се заштедува и време, пари, се заштедуваат ресурси, а се постигнува бараниот ефект. И би додал тука пред сè поконкретно на официјалните посети, кога се, еве условно кажано, тет-а-тет средби со началниците, договараме пред сè обуки, вежби, активности, кои се во доменот на развојот на одбранбените капацитети со предзнак на подигнување на борбената готовност.