Двете највисоки тела на судската власт во државата и Здружението на судии денеска преку писмено соопштение реагираа на критиките што премиерот Христијан Мицкоски вчера повторно ги упати до судиите велејќи дека нема да прави реформи во правосудниот систем, што, според него, предвидуваат само зголемување на нивните плати.
Мицкоски ги доведе реформите во корелација со враќањето државни долгови од две милијарди евра, наведувајќи дека Владата не може да одвои повеќе пари од буџетот за независно финансирање на обвинителство и судовите од, како што кажа, најразвиените земји во Европската Унија.
Говорејќи во таа насока, тој иронично рече дека ќе ја донира својата плата за судиите и јавните обвинителите, само да судат, како што рече, согласно закон, а не како што прават досега.
Во заедничко соопштение, од Судскиот совет, Врховниот суд и Здружението на судии оценија дека премиерот со неговите коментари за судиите и судството ја преминал границата на добро однесување и преминал во неаргументирани и паушални напади.
„Веќе подолго време Вашите коментари кои ги давате за судиите и судството ја преминаа границата на доброто однесување и преминаа во неаргументирани и паушални напади. Критиката е добронамерна само кога се даваат конкретни забелешки и конкретни предлози за решавање на проблемите. Неаргументирана критика е покажување на намера ништо да не се преземе за подобрување на состојбите, туку севкупната општествена апатија да се префрли како вина на судиите“,се вели во соопштението.
Судскиот систем, како што се посочува во него, никогаш не генерирал долгови, па оттаму, се додава, е нејасно каква е поврзаноста на судството со државниот долг од две милијарди евра, „кој недвосмислено е последица на постојаното задолжување на извршната власт, во минатото и сега“.
Според трите судски тела, ситуацијата во однос на буџетот е сосема спротивна. Наведуваат дека токму судовите преку наплата на паушали и парични казни со години наназад ја полнат државната каса, а за возврат не добиваат никаков поврат од буџетот, во смисла на нови вработувања, дигитализација на услугите, опремување на судниците…
Во таа насока судиите посочуваат на последниот Извештај на Европската комисија (ЕК), во кој, како што велат, јасно е нагласено дека најголемиот проблем во судството е независноста на судиите, која е поткопана од постојано мешање на извршната и законодавната власт.
„Како круцијален проблем е истакната и финансиската зависност на судството од државниот буџет, а во оваа смисла платите на судиите се само еден сегмент од финансиската независност. Ова се проблеми кои државата мора да ги поправи бидејќи тие се суштински за европската перспектива на земјата“,се вели во заедничкото соопштение.
Својот одговор до премиерот, судиите го заокружуваат со забелешка дека со неговите коментари тој го нарушува демократскиот принцип на рамноправност на трите власти – судската, законодавната и извршната.
„Судската власт е уставна категорија, а Уставот и независноста на судската власт треба да се почитуваат“,потсетуваат од Судскиот совет, Врховниот суд и Здружението на судии.
