Поранешниот прв вицепремиер и актуелен градоначалник на Чаир, Изет Меџити, кој е еден од лидерите во владејачката коалиција ВЛЕН, изјави дека во принцип го поддржува протестот што в сабота во Скопје ќе го организира лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за поддршка на поранешните водачи на ОВК на кои им се суди во Хаг.
Ваквите коментари Меџити ги дал во изјава за косовскиот медиум „Вокс Косова“, каде што нагласил дека протестот е демократско право и дека Ослободителната војска на Косово (ОВК) е национална гордост.
„Во принцип, да (го поддржувам). Протестот е демократско право. Ние го сметаме протестот за демократска вредност, а ОВК е наша национална гордост“,изјави Меџити.
На прашањето дали лично би учествувал во протестот, Меџити не одговори директно, додавајќи дека како градоначалник на Чаир, на чија територија ќе се одржи протестот, ќе даде согласност за негово одржување.
„Протестот ќе се одржи на плоштадот во општината каде што сум градоначалник. Ќе дадеме согласност за одржување на протестот. Се надевам дека сè ќе помине добро“,додаде Меџити.
Протестот за поддршка на поранешните водачи на ОВК на кои им се суди во Судот во Хаг е организиран од лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Протестот ќе се одржи во сабота на плоштадот „Скендербег“ со почеток од 13 часот.
„По Приштина и Тирана, сега и Скопје ќе зборува за вистината и правдата! Војната на ОВК беше и останува праведна, ослободителна и поддржана од демократскиот свет. Правдата за борците за слобода не може да се гради врз политички обвинувања и измислени докази од страна на Србија и Русија. Како што бевме покрај борците на ОВК во Приштина и Тирана, така ќе застанеме и во Скопје, горди и решителни во одбрана на нашата вистина“,објави лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во официјалната покана за протестот.