Со спречување на пасивното пушење, значително ќе се намали бројот на несакани здравствени последици што можеби не се веднаш видливи, но, долгорочно, ќе придонесат за создавање поздрава нација, изјави за МИА, проф. др. Дејан Докиќ, пулмолог алерголог, кого го прашавме за коментар за најавениот нов закон против пушење.
– Новиот закон за пушењето, морам да признам, е доста рестриктивен, но, гледам исклучиво позитивни ефекти и бенефити од неговата примена за целото општество. Пред сè, со овој закон ќе бидат поштедени непушачите од изложеност на пасивно пушење, како во угостителските објекти, така и во автомобилите, дециден е Докиќ.
Докторот нагласи дека тоа е значаен чекор кон подобрување на јавното здравје.
Исто така, како што нагласи докторот, ригорозните мерки можат да делуваат мотивирачки кај дел од пушачите да размислат за прекин на пушењето.
– Секако, на тие лица треба соодветно да им се помогне, со цел да се намали бројот на пушачи во земјата. Со тоа не само што ќе се подобри квалитетот на живот на граѓаните, туку и ќе се продолжи животниот век, особено доколку со пушењето се престане навреме, категоричен e Докиќ во изјава за МИА.