Скопјанец е лишен од слобода под сомнение дека како вработен во фирма присвоил речиси три милиони денари, информираат од полицијата.
Како што соопштува МВР, полициски службеници од СВР Скопје го уапсиле А.В. (35) од Скопје, постапувајќи по пријава поднесена на 4 февруари 2026 година.
Според пријавеното, осомничениот во периодот од 18 декември 2025 до 4 февруари 2026 година, во продажен објект на подрачјето на Бит Пазар каде што работел како менаџер, во повеќе наврати неовластено земал пари од касата.
На тој начин, како што наведуваат од полицијата, на правното лице му била причинета материјална штета во износ од 2.783.867 денари, односно околу 45.000 евра.
Од МВР посочуваат дека по целосно расчистување и документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 239 од Кривичниот законик за затајување, како и по член 235 за кривичното дело кражба.