Министерот за социјала Фатмир Лимани, кој формално е дел од ВЛЕН, се појави на заедничка фотографија со лидерот на ДУИ Али Ахмети, со лидерот на АА Арбен Таравари со други опозициски претставници, што предизвика реакции од страна на ВЛЕН.
Инаку, фотографијата е направена на ифтар организиран во Тирана од премиерот на Албанија, Еди Рама, кој, како што појасни Лимани, одредил каде да седат гостите.
-На трпеза за добредојде не се оди за политички калкулации или за нарушување на атмосферата, туку за да се почитува традицијата, гостопримството и заедничкиот човечки момент. Фотографијата или присуството во заедничка средина не ја менува политичката историја на никого.
Додека некои се обидуваат да создадат вештачки дилеми од една ифтарска фотографија, јас се соочувам со друг реалитет: отворен и исклучувачки обид кон мене, токму од оние со кои заедно изградивме политички проект – рече Лимани.
Пред да се распуштат партиските органи, тој беше потпретседател на БЕСА, чиј лидер Биљал Касами денеска изјави дека Лимани отишол самостојно во Тирана, а не како претставник на ВЛЕН.
Патем, Касами додаде дека ќе се разгледа и позицијата на министерот во владата како кадар на Движење Беса, бидејќи, како што вели, не може да седи на два столчиња.
-Како фотографија, не би рекла дека е најдобра, но ја презентира позицијата на министер кој сè уште останува министер во владата, предложен од ВЛЕН или каде е ВЛЕН.
Се разбира, останува на самиот г. Лимани да објасни зошто се седнал на маса со Али Ахмети, за кого самиот кажал дека под никакви услови не би седел со оние кои ги обвини за убиството на неговиот татко – изјави тој.
Овие случувања се одвиваат во периодот кога ВЛЕН е во процес на обединување или стопување во една партија, од кој надвор остана и вицепремиерот Арбен Фетаи.