Босанецот Хамдија Алукиќ се наоѓа во притвор без можност за кауција во затворот во округот Болдвин во Алабама, Америка, откако бил уапсен поради обвиненија дека извршил воени злосторства во Босна и Херцеговина во 1992 година, како член на паравоена единица на босанските муслимани, пренесува Фокс.
Алукиќ е обвинет во родната земја уште во 2010 година, а според обвинението, тој извршил одделни напади во село кај Приедор, во кои загинале двајца луѓе. Во првиот, тој и други војници пукале во автомобил во движење и го убиле возачот, по што му го запалиле автомобилот. Вториот напад Алукиќ и неговата единица го извршиле во куќа, каде го повикале домаќинот да излезе, за веднаш да го убијат на куќниот праг. Тие, според обвинението, пукале и кон сопругата и ќерката на убиениот човек, но тие успеале да побегнат.
Поранешен сосед на Алукиќ изјавил дека живееле еден до друг неколку години во гратчето Вилмер, пред Алукиќ и неговото семејство да се преселат.
„Тоа навистина ме остава без зборови, никогаш не би помислил на тоа, навистина е неверојатно“, изјави соседот.
Документите покажуваат дека Алукиќ бил уапсен во Мобајл во средата. Според неговиот поранешен сосед, Алукиќ живеел мирен живот во Вилмер со своето семејство.
„Имаа кучиња, кокошки и продаваа јајца во Волмарт и слично. Секогаш беа фини. Сум бил кај нив неколку пати додека растев. Беа вистински странци. Не зборуваа баш најдобро англиски — барем таткото и мајката“, изјави соседот.
Документите покажуваат дека тој планирал и извршил два одделни напади во кои загинале двајца луѓе.
Босна и Херцеговина ќе бара Алукиќ да биде испорачан во матичната држава, каде ќе му се суди за злосторства против цивилно население.
