Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во координација со здравствените институции, привремено ја затворија кујната на операторот што го снабдува со храна комбинатот РЕК „Битола“. Одлуката доаѓа по серијата пријави за стомачни тегоби кај вработените, кои конзумирале лазања со сос.
Досега се регистрирани вкупно 111 лица кои побарале лекарска помош во Инфективното одделение во Битола. Од АХВ информираат дека се земени мостри од храната, како и брисеви од вработените и работните површини.
„Во согласност со Националниот протокол за постапување во случај на сомнеж за појава на алиментарни инфекции и интоксикаци, кујната на операторот со храна е привремено затворена, односно дадена е забрана за вршење дејност подготовка и послужување храна од неа сè до завршување на инспекциската постапка и добивање уредни наоди“, соопштија од АХВ.
Додека трае истрагата, работниците во РЕК „Битола“ добиваат сув ладен оброк. Од хотелот „Молика“, кој управува со кујната, тврдат дека станува збор за изолиран случај со лесна клиничка слика кај одреден број вработени.