Trending
  • МАКЕДОНИЈА
  • БАЛКАН
  • СВЕТ
  • ПОЛИТИКА
  • ЕКОНОМИЈА
  • СПОРТ
  • ЗДРАВЈЕ
  • ЗАБАВА
  • ХОРОСКОП
  • НУТРИЦИОНИЗАМ
Reading: Кој е Петер Маѓар, човекот што го собори Орбан?
Сподели
Font ResizerAa
TrendingTrending
  • БАЛКАН
  • ЕКОНОМИЈА
  • ЗАБАВА
  • ЗДРАВЈЕ
  • МАКЕДОНИЈА
  • ПОЛИТИКА
  • СВЕТ
  • СПОРТ
  • ХОРОСКОП
  • НУТРИЦИОНИЗАМ
Trending > Blog > Blog > Кој е Петер Маѓар, човекот што го собори Орбан?
Blog

Кој е Петер Маѓар, човекот што го собори Орбан?

Објавено April 13, 2026 11:18
Сподели
Сподели

Кога Петер Маѓар бил дете, залепил фотографија од Виктор Орбан, тогаш жесток антикомунист, на ѕидот во својата спална соба, воодушевен од првите демократски избори во Унгарија во 1990 година, пишува „Ројтерс“.

Децении подоцна, тој стави крај на 16-годишното владеење на Орбан како премиер на избори што донесоа рекордно висока излезност и од кои се очекуваше да ја вознемират Русија и да предизвикаат потреси во десничарските кругови низ Западот, вклучително и во Белата куќа на американскиот претседател Доналд Трамп.

Централно-десничарската, проевропска партија Тиса на Маѓар ја победи националистичката партија Фидес на Орбан на денешните парламентарни избори. Делумните резултати покажаа дека Тиса ќе освои 137 пратенички места, односно двотретинско мнозинство во парламентот со 199 места.

Маѓар, кој имал само девет години кога се урнал комунизмот, изјавил дека ги украсувал ѕидовите во семејниот дом во Будимпешта со фотографии од водечки политички личности. Орбан, тогаш млад адвокат, станал херој на продемократското движење во Унгарија кога во 1989 година јавно побарал советските трупи да ја напуштат земјата.

– Имаше наплив на енергија околу промената на режимот што ме понесе како дете – изјави Маѓар лани за унгарски поткаст.

Маѓар, чие презиме буквално значи „Унгарец“, избувна на политичката сцена пред две години, откако неговата поранешна сопруга, Џудит Варга, поранешна министерка за правда во владата на Орбан, се повлече од сите политички функции по помилување во случај на сексуална злоупотреба што предизвика јавен гнев. Маѓар бргу се дистанцираше од владејачката партија и ја обвини за корупција и за ширење пропаганда, велејќи дека се разочарал од Фидес.
Само четири месеци откако од речиси целосна анонимност се појави преку интервју на Јутјуб-каналот „Партизан“, неговата нова партија освои 30 отсто на изборите за Европскиот парламент во јуни 2024 година, завршувајќи втора зад Фидес и целосно оттурнувајќи ја остатокот од опозицијата.

Поразот на Орбан има значајни последици не само за Унгарија, туку и за Европа и за популистичката крајна десница. Орбан од 2010 година се обидува да изгради, како што самиот ја нарекува, „нелиберална демократија“, ограничувајќи ги медиумските слободи и дејствувањето на невладините организации, како и слабеејќи ја независноста на судството. Тој изгради добри односи со рускиот претседател Владимир Путин и со американскиот претседател Доналд Трамп, но повеќепати влезе во судир со Европската унија, која замрзна милијарди евра поради загриженост за демократските стандарди во Унгарија.

Наспроти тоа, Маѓар вети дека ќе ја обнови западната ориентација на Унгарија и ќе стави крај на зависноста од руска енергија до 2035 година, додека ќе се стреми кон „прагматични односи“ со Москва. Тој вети и дека ќе ги одмрзне европските фондови, што би помогнало во заживување на стагнирачката унгарска економија.

– Уште првиот ден треба да донесеме антикорупциски мерки и треба да ја поднесеме нашата апликација за приклучување кон Европското јавно обвинителство – изјави Маѓар во неделата наутро по гласањето.

Но, за време на изборната кампања тој се движеше внимателно, сакајќи да не оттурне поконзервативни гласачи. За разлика од Орбан, тој начелно не го отфрла правото на Украина еден ден да се приклучи на ЕУ, но програмата на Тиса не поддржува забрзан влез за Киев. Како и Фидес, Тиса се спротивставува на квотите на ЕУ за прием на мигранти и би ја задржала граничната ограда изградена под Орбан за да ги спречи илегалните мигранти.

Но, аналитичарите велат дека тензиите меѓу Будимпешта и ЕУ, дополнително влошени од ветото на Орбан на пакет помош од 90 милијарди евра за Киев, би можеле да се намалат за владеењето на Тиса.

– Орбан ја загуби вербата во сегашната форма и насока на европската интеграција и води политика на вета и опструкции. Тиса нема принципиелен приговор кон интеграцијата и своите битки би ги водела на практично ниво – изјави геополитичкиот аналитичар Ботонд Феледи.

Маѓар во овие избори презеде дел од методите на Орбан, водејќи теренска кампања што го однесе и во руралните упоришта на Фидес. На неговите митинзи отсекогаш имало многу национални знамиња, во орбановски стил на обраќање кон патриотизмот на унгарските гласачи. Неговите доследни и јасни пораки, како и вештото користење на социјалните мрежи, придонесоа за неговиот брз подем, посочува политичкиот експерт Габор Тока.

– Многу луѓе се чувствуваат уверени и од приказната за човек кој неповратно влегол во конфликт со системот и нема пат назад – вели тој, мислејќи на раскинот на Маѓар со Орбан.

Роден во 1981 година во семејство на правници, Маѓар и самиот студирал право. Се ожени со Варга во 2006 година и, кога нејзината кариера ја одведе во Брисел, Маѓар се приклучи на унгарската дипломатија и работел на европско законодавство. По враќањето во Унгарија, се вработил во државна банка, а потоа раководеше со агенција за студентски кредити. Маѓар и Варга, кои се разведоа во 2023 година, имаат три сина.

Тој се опишува себеси како религиозен човек и вели дека ужива да готви и да игра фудбал со своите пријатели и синови. На прашањето во декември како се променил откако влегол во политиката, алудирајќи на медиумските извештаи дека има кратки нерви, одговори: „Сега бројам до 10“.

Сподели ја оваа статија
Facebook Whatsapp Whatsapp Email Copy Link
Сподели
Претходна Статија Иран: Американските мерки во Ормус се „пиратство“
Следна Статија МВР го истражува обидот за палење на објектот на Еврејската заедница

БИ МОЖЕЛО ДА ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Blog

Дневен хороскоп за Риби – среда, 29 јануари 2025

💡 Општа енергија на денот: Рибите денес можат да задржат висока позитивна вибрација подигнувајќи се од секоја ситуација. Овој знак,…

January 29, 2025
Blog

Дневен хороскоп за Јарец – четврток, 30 јануари 2025

💡 Општа енергија на денот: Вашиот ден ќе биде полн со ослободување од негативни мисли и отворање кон радост. За…

January 30, 2025
Blog

Seeing Sound For Under $200 – Hackaday

There are five general senses: touch for feels, taste for food, smell for avoiding trash, hearing for sounds, and, of…

December 29, 2025
Blog

Крис Павловски: Еден ден го мразат Трамп, тој станува претседател и следниот ден му го бакнуваат задникот

Сопственикот на најбрзо растечката видео мрежа Рамбл Крис Павловски кој има македонско потекло ги коментира американските бизнисмени кои пред победата…

January 25, 2025
Trending
contact@trending.mk

© Trending.mk  |  All Rights Reserved.

Импресум
Welcome Back!

Sign in to your account

Username or Email Address
Password

Lost your password?