Италијанските спортски функционери го нарекоа денеска „срамен и нессодветен“ американскиот предлог Италија да го замени Иран на претстојното Светско фудбалско првенство.
Реакцијата уследи откако специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, Паоло Замполи, во изјава за „Фајненшл тајмс“ потврди дека го иницирал предлогот до Трамп и претседателот на ФИФА, Џани Инфантино.
Настапот на Иран на мундијалскиот турнир е сè уште неизвесен, откако САД и Израел почнаа воздушни напади врз оваа земја кон крајот на февруари.
„Италија, четирикратниот светски шампион, не успеа да се квалификува за овогодишниот турнир со 48 репрезентации кои ќе играат во Северна Америка и нема настап на Светско првенство од 2014 година. Италија има педигре кое би го оправдала нејзиното учество“, рече Замполи во интервјуто за „Фајненшл тајмс“.
Италијанскиот министер за спорт, Андреа Абоди, цврсто ја отфрли идејата за влез на Италија на Светското првенство „низ мала врата“.
Италијанската репрезентација остана без пласман на Мундијалот откако во финалето од плејофот загуби од Бојан и Херцеговина.
„Евентуалното учество на Италија на Светското првенство во 2026 година, како прво, е невозможно и, како второ, несоодветно. Пласманот се заслужува на теренот“, изјави Абоди за „Скај њуз“.
На иста линија застана и претседателот на италијанскиот национален Олимписки комитет, Лучиано Буонфиљо.
„Прво, не мислам дека е можно“, рече Буонфиљо. „Второ, би се чувствувал навредено. Настапот на Светското првенство, мора да се заработи.“
Министерот за економија на Италија, Џанкарло Џорџети, ја нарече идејата „срамна“.
Светско првенство ќе се одржи од 11 јуни до 19 јули во САД, Канада и Мексико.
Иран е во групата Г со Белгија, Египет и Нов Зеланд и сите три натпревари треба да ги игра во САД.
