Американскиот претседател Доналд Трамп ја отфрли критиката на германскиот канцелар Фридрих Мерц за војната со Иран и жестоко вербално го нападна.
„Тој не знае за што зборува“, напиша Трамп на својата платформа Трут Соушл осврнувајќи се на Мерц. Не е никакво чудо, додава тој, „што на Германија ѝ оди толку лошо, и економски и во други аспекти“.
Тој му забележува на канцеларот дека бил согласен Иран да поседува нуклеарно оружје и го фали сопственото постапување. Според американскиот претседател, доколку Иран има нуклеарна бомба, целиот свет би бил под власт на таа земја: „Во моментов правам нешто во врска со Иран што други нации или претседатели одамна требало да го направат“,вели Трамп.
Мерц во понеделникот (27.04), на една школска манифестација во германската покраина Северна Рајна-Вестфалија, во врска со Соединетите Американски Држави изјави:
„Таму една цела нација е понижена од иранското државно раководство“. Канцеларот додаде и дека „Американците очигледно немаат стратегија“. Проблемот со ваквите конфликти, рече тој, секогаш е ист: „Не мора само да се влезе, туку мора и повторно да се излезе“.
Претходно Трамп веќе критикуваше и други европски шефови на држави и влади затоа што не сакаат да бидат вовлечени во војната против Иран. Зошто американскиот претседател тврди дека канцеларот се изјаснил во прилог на тоа Иран да поседува нуклеарно оружје, не е јасно. Не е познато дека Мерц некогаш дала таква изјава.
