Пиењето мача наутро може да ја зголеми енергијата, а воедно да го поддржи поздравото стареење, според нутриционистите. Овој јапонски зелен чај може да се пие топол или ладен. Богата со епигалокатехин-3-галат (ЕГЦГ), мачата е моќен антиоксидант којшто може да помогне во намалувањето на воспалението и оксидативниот стрес, па стручњаците сѐ повеќе го издвојуваат како подобар избор од многу други утрински напивки, пишува „Итинг вел (Eating Well)“.
– Како што старееме, нашите тела се изложени на поголем оксидативен стрес, што може да придонесе за стареење на клетките и развој на хронични болести. Со редовно консумирање мача, може да му помогнеме на телото подобро да се одбрани од овој процес, објасни нутриционистот Вал Ворнер.
Антиоксидантите во мачата помагаат во неутрализирање на слободните радикали, што можат да ги оштетат клетките и да го забрзаат стареењето. Иако и мачата и обичниот зелениот чај се добиени од растението Камелија синенсис (Camellia sinensis), мачата има посилен антиоксидативен ефект бидејќи се консумира целиот лист.
– Мачата е побогата со полифеноли, како што е ЕГЦГ – од зелениот чај. Покрај ЕГЦГ, мачата содржи и други антиоксиданти, како што се рутин, кверцетин, хлорофил и каротеноиди, се согласи нутриционистката Сима Шах.
Сепак, стручњаците забележуваат дека млечните протеини можат да се врзат за антиоксидантите во мачата и да ја намалат нивната благотворност. Затоа, незасладените млека од растително потекло, како што се бадемовото, соиното, кокосовото или овесното, се препорачуваат за пијалак од мача со млеко.
Ворнер додава дека здравиот микробиом има важна улога во варењето, имунитетот, па дури и во регулирањето на воспалителните процеси. Мачата, исто така, содржи пребиотски соединенија коишто минуваат низ дигестивниот систем до цревата, каде што ги хранат корисните бактерии. Тие произведуваат бутират – антиинфламаторна супстанција важна за здравјето на цревната бариера и имунолошката функција.
