Доналд Трамп пристигна во Кина со делегација во која се најдоа дел од најмоќните американски бизнис лидери, од технолошкиот сектор до финансии, авиоиндустрија и агробизнис. Во претседателскиот авион „Ер Форс Уан“, според американските и меѓународните медиуми, се качиле Илон Маск, Тим Кук, Џенсен Хуанг и други директори на големи компании, во пресрет на средбата на Трамп со кинескиот претседател Си Џинпинг во Пекинг.
Посетата има силна економска и политичка тежина, бидејќи доаѓа во период на затегнати односи меѓу Вашингтон и Пекинг, особено околу трговијата, царините, технологијата, чиповите и пристапот до кинескиот пазар. Според „Ројтерс“, Трамп во Кина бара економски договори и отворање простор за американските компании, додека Пекинг очекува олеснување на ограничувањата за извоз на полупроводници и опрема за производство на чипови.
Меѓу највпечатливите имиња во делегацијата се Илон Маск од „Тесла“, Тим Кук од „Епл“, кој од 1 септември треба да ја напушти функцијата извршен директор и да стане извршен претседател на одборот, како и Џенсен Хуанг од „Нвидија“, чија компанија е во центарот на глобалната трка за чипови и вештачка интелигенција. „Епл“ официјално соопшти дека Кук ќе биде заменет од Џон Тернус, сегашниот потпретседател за хардверско инженерство.
Во делегацијата се споменуваат и имиња од „Боинг“, „Блекрок“, „Блекстоун“, „Голдман Сакс“, „Сити“, „Мастеркард“, „Виза“, „Микрон“, „Квалком“, „Џенерал електрик аероспејс“ и други компании. Според американските медиуми, оваа посета не е само дипломатска средба, туку и обид да се испрати порака дека економијата, технологијата и геополитиката веќе се дел од истиот преговарачки пакет меѓу САД и Кина.
