Министерството за култура и туризам соопшти дека внимателно ги следи реакциите во јавноста поврзани со одлуката за поддршка на документарниот филм „Слушни ме“, нагласувајќи дека граѓаните треба да бидат целосно информирани за причините поради кои проектот добил финансиска поддршка.
Оттаму појаснуваат дека „Слушни ме“ не е филм кој се занимава исклучиво со музичката кариера на Слаткаристика, туку документарен проект со јасна општествена, едукативна и инклузивна димензија.
„Преку неговата лична приказна се отвора темата за говорните и комуникациските потешкотии кај децата и младите. Филмот ја истражува улогата на музиката и уметноста како можни алатки за надминување на овие предизвици, испраќајќи порака за прифаќање, еднакви можности и општествена инклузија“, наведуваат од Министерството.
Според институцијата, особено значајно е што проектот обработува тема која директно засега голем број семејства во земјава. Преку автентична приказна и препознатлив јавен лик, филмот има потенцијал да придонесе за подигнување на свеста за говорните и комуникациските потешкотии и да поттикне поширока јавна дебата за поддршката што им е потребна на овие деца и нивните семејства.
Од Министерството истакнуваат и дека проектот веќе обезбедил значителен дел од финансиската конструкција преку спонзорства и партнерства, како и поддршка од програмата „Креативна Европа МЕДИА“, Министерството за здравство и ЈЗУ Центар за рехабилитација на патологија на вербалната комуникација.
„Средствата одобрени преку конкурсот на Агенцијата за филм претставуваат мал дел од вкупниот буџет и изнесуваат само 1,6 проценти од средствата распределени за поддржаните филмски проекти во овој конкурсен рок“, посочуваат од Министерството.
Во соопштението се наведува и дека најголемиот дел од расположливите средства се насочени кон проекти на автори и режисери со значајни меѓународни признанија и резултати, меѓу кои се Георги М. Унковски, Јани Бојаџи, како и Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, авторите на Медена земја.
Според Министерството, ова е потврда дека институциите остануваат доследни на стратешката определба за поддршка на квалитетни филмски проекти кои ја афирмираат македонската кинематографија на меѓународната сцена.
„Нашата обврска е да поддржуваме разновидни филмски проекти кои покрај уметничката вредност носат и општествена корист. Веруваме дека културата не е само простор за уметнички израз, туку и важен механизам за отворање општествени теми, поттикнување емпатија и создавање поинклузивно општество“, наведуваат од ресорното министерство.
Оттаму додаваат дека поддршката на „Слушни ме“ треба да се гледа пред сè како поддршка на значајна општествена тема и на филм кој има потенцијал да придонесе кон поголема свест, разбирање и поддршка за лицата со говорни и комуникациски потешкотии.
Дополнително, се посочува дека продуцент на проектот е ОХО продукција, компанија која континуирано работи на развој и реализација на аудиовизуелни проекти од национален интерес. Во моментов, продукцијата е ангажирана и на реализација на телевизиска серија и документарен филм посветени на животот и творештвото на Тоше Проески, што, според Министерството, претставува уште една потврда за нејзиниот професионален капацитет и посветеност кон проекти со значајна културна и општествена вредност.
