Оставката на вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи денеска беше констатирана во рамките на 104. собраниска седница.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, рече дека бил известен оти Фетаи нема да ја образложи оставката и констатира дека согласно членот 246 од Деловникот, на министерот му престанува функцијата.
Фетаи оставката ја поднесе на 1 јуни, а за тоа соопшти со објава на својот фејсбук-профил. Тој во објавата напиша дека од функцијата заминува со крената глава и чиста совест.
Фетаи вели дека изминатите две години, додека бил на функцијата, придонел за реформи насочени кон зајакнување на одговорноста, транспарентноста и владеењето на правото додавајќи дека секогаш има место за повеќе и подобро.
Во оставката до премиерот, која Фетаи ја објави во прилог на фејсбук-статусот, тој изрази благодарност за укажаната доверба да ја врши функцијата вицепремиер за добро владеење, но додава дека во сегашните околности веќе не постојат неопходните услови за функцијата да ја извршува со потребната ефикасност и од тие причини се повлекува од должноста.
Вицепремиерот Арбен Фетаи веќе подолг период не се појавуваше на работа, а според информации од изминатиот период, последните негови јавни активности како носител на функцијата датираат од март. Во април годинава премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Фетаи лично му пренел оти во иднина не се гледа во владата што тој ја предводи и оти планира да се врати во Брисел, каде што има и претходно професионално искуство.
