Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија на Турците, Христијан Мицкоски и Зулфикар Зејнула, денеска потпишаа договор за влегување на помалата партија во колаицијата „Твоја Македонија“. Со ова, како што изјави, Мицкоски, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ ќе има 59 пратеници во Собранието. Пратеникот Бејџан Илијас беше избран во Собранието како дел од „Европскиот фронт“ што го предводи ДУИ. Тој сега ќе ја напушти оваа коалиција.
„Со потпишување на договорот за политичко партнерство, соработка и поддршка со Демократската партија на Турците на Македонија испраќаме јасна порака дека кога станува збор за интересите на граѓаните и иднината на државата, постои простор за обединување околу заеднички вредности, принципи и цели. Ова партнерство е засновано врз доверба, заемно почитување и искрена определба да се работи во интерес на сите граѓани.
Посебно ми е драго што денес нашето политичко семејство станува побогато со Демократската партија на Турците на Македонија. Турската заедница е нераскинлив дел од нашето општество, народ кој со својата работа, традиција и лојалност со децении придонесува за развојот на државата“, рече Мицкоски по церемонијата во седиштетот на партијата.
Тој додаде дека не бил среќен кога гледа „во каква состојба се наоѓа опозицијата. Бидејќи на државата ѝ е потребна силна, сериозна и конструктивна опозиција. Тоа е во интерес на демократијата, во интерес на институциите и, пред сè, во интерес“.
