Случувањата со водата во Гостивар предизвикаа „караница“ помеѓу новоназначениот министер за здравство, Сашо Клековски и докторите кои на социјалните мрежи објавуваат стручни мислења за можните последици од пиењето на загадена вода.
Прв на удар беше д-р Никола Пановски, кој за време на короната беше еден од најцитираните доктори а и ден денес на социјалните мрежи тој им помага на граѓаните со стручно мислење.
Сега, Клековски него и другите кои коментираат ги нарече слободни јавачи на пандемијата.
„Би замолил да нема слободни јавачи на епидемијата. Гледам и доктори кои не се, условно кажано, епидемиолози и инфектолози, даваат различни совети и мислења. Знам дека вакви состојби се популарни за кликови и собирање лајкови, но би замолил граѓаните да ги следат службените упатства и официјалните канали“, рече Клековски на неодамнешната прес конференција.
Пановски не остана покусо и му одговори на министерот.
„Јавно го замолувам Министерот за здравство да ги предупреди медиумите да не ме бараат повеќе за совети и изјави. По моите настапи, одат кратки видеа, па лајкови итн. Лајковите не зависат од мене, туку од медиумите До сега изјави сум дал за Телма, Сител, Канал 5, МТВ, Алсат, Македонско радио, интервју за 24 вести, Слободен печат и многу други, на многу сум се извинил заради физичко отсуство. ТВ Алфа не треба да ја известувате, тие си ја знаат работата. Од денес нека си бараат исклучиво епидемиолози и инфектолози. Многу би ви бил благодарен, зошто навистина ми е тешко да ги одбијам, а тие инсистираат. Инаку мојот прв совет, да прогласите епидемија, го прифативте по 10 часа, истата требаше да се прогласи 2 дена порано. Мојот втор совет, веднаш да се објават резултатите, ОЈО го прифати по 10 часа. Конечно, зошто лица кои воопшто не се доктори даваат изјави и одговараат “хипотетично” за фекални бактерии, иако не се доктори по медицина. Мој последен совет, покрај, епидемиолози и инфектолози, ставете и стоматолози“, напиша тој.
Се огласи и познатиот онколог Милан Ристески. кој продолжи со совети со пораката „овој долг пост не е заради лајкови, и им го посветувам на сите колеги кои полагале и положиле микробиологија, инфективно и епидемиологија без врски и без непотистичко влијание.“
Одговор дојде и од токсикологот Нико Беќаровски, кој ја коментираше состојбата со водата во Валандово.
„Бидејќи сум само еден од 3 (трите) супспецијалисти клинички токсиколози во Македонија, “си дозволив” ЈАВНО да ги советувам граѓаните на Валандово“, напиша тој.
