Српскиот претседател информира дека бил известен од властите во Азербејџан дека и покрај објективните пречки, нема да прекине испораката на гас за Србија. Најавениот прекин на испораките на гас од Азербејџан за Србија нема да се случи, објави денеска српскиот претседател Александар Вучиќ. Во објава на својот профил на Икс, Вучиќ информира дека бил известен од властите во Азербејџан дека и покрај објективните пречки, нема да прекине испораката на гас за Србија.
„Нашите браќа и пријатели од Азербејџан тукушто ме информираа дека, без оглед на објективни проблеми предизвикани од виша сила, нема да има прекин на гасот за Србија. Бескрајна благодарност до Азербејџан и претседателот Илхам Алиев, кого со нетрпение го очекувам наскоро во Белград“пишува Вучиќ во објавата на Икс.
Наша браћа и пријатељи из Азербејџана управо су ме обавестили, да без обзира на објективне проблеме изазване вишом силом, неће бити обуставе гаса за Србију. Бескрајно хвала Азербејџану и председнику @presidentaz којег са великим нестрпљењем ускоро очекујем у Београду.
— Александар Вучић (@predsednikrs) January 12, 2025
Пред околу од 24 часа, српскиот претседател на прес-конференција рече дека Србија повеќе нема да може да смета на 1,7 милиони кубни метри гас од Азербејџан, колку што оваа земја ѝ испорачува на дневна основа.
Србија потпиша договор со Азербејџан за снабдување со природен гас во септември 2024 година, како дел од напорите за диверзификација на изворите на снабдување и намалување на зависноста од рускиот гас, на кој доминантно се потпира повеќе од четвртина век.