Министерот за здравство Азир Алиу синоќа во емисијата Топ Тема на Телма изјави дека седумгодишното дете кое почина, прво било третирано во приватна здравствена установа, по што било пренесено во Клиничката болница во Тетово.
Алиу информира дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат веќе извршил надзор и доставил наод, кој ќе биде дополнително разгледан.
„Утре ќе имаме наша експертска група која од клинички аспект ќе го анализира целиот процес“, рече министерот.
Тој појасни дека според патоказот за лекување, девојчето се лекувало во рамките на прописите, но нагласи дека се потребни уште проверки. Се чекаат и официјалните резултати од обдукцијата.
„Според она што го прочитав, има простор за понатамошно следење на процесот. Сè уште е рано да се излезе со детали без дополнителна експертска анализа“, додаде Алиу.