Башким Бесими е избран за нов претседател на Советот на јавни обвинители (СЈОРМ), одлучи Советот. Бесими досега ја извршуваше функцијата заменик-претседател на Советот. За нов заменик-претседател на негов предлог е избрана Маријана Илиевска.
Изборот на претседател на Советот на јавни обвинители, како што налага законот, беше спроведен со тајно гласање, како на непосредни избори, со параван и гласачка кутија.
Предлогот за избор на Бесими беше поднесен од членот на Советот, Зорица Павловиќ, и беше поддржан со осум гласа „за“ од вкупно 11 члена. При гласањето имаше три неважечки ливчиња.
„Фала на поддршката, и тие што не гласале ќе бидат со мене, заедно ќе работиме. Како второ, сакам да ѝ се заблагодарам на досегашната претседателка, додека го водеше Советот заеднички се боревме сите и понатаму ќе се бориме заеднички и ќе излеземе на добри патишта“,рече Бесими по изборот.
За заменик-претседател на Советот, тој ја предложи членката Маријана Илиевска, а предлогот беше едногласно поддржан.
Изборот следува по престанокот на функцијата на претходната претседателка, Душица Димитриеска, поради истекување на мандатот на 1 октомври годинава. Ова беше констатирано на 28. седница на Советот одржана на 30 септември. Тогаш изборот на нов претседател беше одложен поради одржувањето на локалните избори.