Трет протест поради неисплатени две плати. Вработените од друштвата со ограничена одговорност „Флораком“ и „Луна“, фирми-ќерки на Јавното Претпријатие „Паркови и зеленило“ – Скопје, два часа го блокираа булеварот „Илинден“. Не им е исплатена јунската плата, а за три дена треба да се исплати и платата за јули, за која, како што рекоа немаат сигнали од раководството дека ќе се исплати.
„Работниците кои што се позади мене и го блокираат булеварот Илинден како што реков се оставени и без плати и без здравствено осигурување и покрај тоа што меѓу вработените имаме хронично болни, онколошки случаеви, луѓе со стентови и така натаму, односно со тешки болести. Ова од страна на раководството на ЈП Паркови и зеленило Скопје кое што се случува веќе е крајно нехумано бидејќи со неисплаќањето на плати се приморани вработените да протестираат на овие пеколни горештини, над плус 40 степени“, вели Стојанче Кашиковски.
Работниците апелираа до основачот на ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје – Град Скопје да се вклучи во решавање на овој проблем.
„Од страна на Град Скопје пред две недели беа изгласани субвенции во износ од 80 милиони денари. Пари кои што се кои се доволни не само да се исплати платата во овие две друштва со ограничена одговорност „Флораком“ и „Луна“,туку пари доволни да се исплати и платата на вработените во „Паркови и зеленило“. За жал, повторно вработените не добија конкретен одговор кога ќе им се исплати платата. Ветувањата се дека ќе биде, ќе биде ќе биде. Јас ќе кажам една народна поговорка така и магарето го учеле да живее без храна па на крајот умрело“, вели Стојанче Кашиковски.
Вработените од протестот порачаа дека ако итно не се реши нивниот проблем, ќе продолжат со блокирање улици.