Европа се наоѓа на крстопат на судбината. Како апокалиптични коњаници, над нашиот континент се надвиснуваат предвесници на пропаст. Војна и насилство, лаги и неслобода, осиромашување и намерно уништување на просперитетот – тоа се големите закани на нашето време. Тие удираат во самото јадро на нашата култура, нашите вредности и нашиот начин на живот. Во Брисел изгледа веруваат дека трпението на европските народи е бесконечно. Грешат, истакна денеска Алис Вајдел, од Алтернатива за Германија (АФД) на големата десничарска конференција CPAC (Conservative Political Action Conferencе) која секоја година се одржува во Будимпешта.
Во својот говор таа потенцира дека нашата цивилизација лежи на три столба – истражувачкиот дух на грчката филозофија, величествениот поредок на римската државност и спасоносната светлина на христијанската традиција и оти од овие корени произлегуваат вредностите што ги сметаме за свети: правата на слободните граѓани, слободата на мислата, говорот и печатот, светото начело на самоопределување и за поединецот и за нацијата, заштитата на семејството, почитта кон приватната сопственост и динамичната сила на слободниот пазар како двигател на просперитетот, иновациите и човечкиот напредок.
Ова не се само идеи, вели германската политичарка Вајдел, туку тие вредности не обединуваат, а суверената демократска национална држава е единствениот доволно силен и сигурен оквир во кој овие западни вредности можат навистина да процветаат.
Навраќајќи се на значајни историски настани таа потсети дека во октомври 1956 година унгарскиот народ се кренал против тоталитарното комунистичко ропство и дал на светот пример на храброст и нескршлива волја за слобода. Само три години претходно, во јуни 1953 година, германските работници во Источна Германија, се осмелиле да се кренат за слобода и национално единство, а востанието беше задушено во крв. Дури во 1989 година германскиот народ во комунистичкиот дел од нејзината татковина, заедно со народите од Источна Европа, ги раскинал синџирите на комунистичката диктатура.
– И Унгарија повторно беше на самиот фронт на слободата. Ние Германците никогаш нема да заборавиме што ѝ должиме на унгарската нација, рече германската политичарка Вајдел.
Денес, нагласи во говорот таа, слободата и самоопределувањето повторно се под напад. Но овој пат, според Вајгел, опасноста не доаѓа однадвор, доаѓа одвнатре.
– Таа произлегува од глобалистичките елити во Брисел и во многу европски главни градови, и токму затоа што носи маска на добрина, е толку опасна. Тие ги преплавуваат нашите земји со нелегална масовна миграција. Ги тераат нашите граѓани да ги хранат, сместуваат и привилегираат овие маси, додека криминалот расте, тероризмот се шири, а исламскиот екстремизам пушта корени. Со тоа ја одземаат самата душа на нашите европски нации, вели Вајдел.
Според неа, се создава паника околу „т.н. климатски промени предизвикани од човекот“ што се користи како изговор за задушување на индустријата и енергетската сигурност, а цели народи да бидат турнати во сиромаштија и „да наметнат еко-социјалистичка командна економија што им ја зголемува сопствената моќ“.
-Бараат да прифатиме „реалност“ со десетици или стотици родови, да ги нарекуваме мажите жени, а жените мажи, да ги збунуваме умовите на нашите деца и со тоа да го поткопуваме семејството, темелот на личната слобода и на самото општество. Натрупуваат долгови и испраќаат милијарди кон еден од најкорумпираните режими во светот, Украина, за да продолжат војна што не е наша. Стојат на страната на Киев дури и кога режимот уценува, се заканува и физички напаѓа витална инфраструктура во земјите членки на ЕУ, потенцира германската политичарка.
Вајдел вели дека глобалистичките елити во Брисел водат постојана војна против слободата на говор, ги прогонуваат граѓаните што се осмелуваат да ја критикуваат оваа катастрофална авторитативна политика и се кријат зад циничниот изговор за „борба против дезинформации“ за да ги гонат партиите и владите што ги ставаат интересите на својот народ на прво место. Не се двоумат, потенцира германската политичарка, ниту да се мешаат во национални избори, обидувајќи се да ја манипулираат волјата на слободните граѓани, затоа што најмногу се плашат од тоа што народот може слободно да одлучи.
– Во Брисел изгледа веруваат дека трпението на европските народи е бесконечно. Грешат. Сè поголемата поддршка за нашата партија, германската АФД, Алтернатива за Германија, како и цврстата поддршка што унгарскиот народ продолжува да му ја дава на вас, премиере Виктор Орбан, се жив доказ дека трпението на слободните граѓани истекува. Ќе мора повторно да се бориме за нашата слобода и за нашето самоопределување. Средствата можеби ќе бидат различни, но храброста, решителноста и железната волја мора да бидат исти како кај нашите предци. Судбината на секој Европеец што сè уште ја сака слободата и на секој патриот што верува во суверени нации виси на конец, рече во својот говор Вајдел.
На крајот таа му посака победа на изборите на 12 април на актуелниот премиер на Унгарија Виктор Орбан и на ФИДЕС.